Дофатлива убавина за око и душа

Манастирот Св. Димитрија кај селото  Селце

Борот, багремот, јасенот го гушнале силно манастирот Св. Димитрија во грлото на Селечка. На зеленетиот “допир” одамна е никната божјиот храм. Се градел од далечната 1933 година, на Ѓурѓовден. Трговци, бакали, верници несебично помагале во градбата. Во 1937 година Владиката Јосиф го осветил и посветил на Велико маченикот Димитрија. Порано во манастирот живееле монаси, а функционирал како економат со свое стадо овци, кози, со свои ниви и бавчи.

Храмот е чист и скромен. Тој е еден од поновите куќи Господови. Најстарата икона е од 1908 година. Се наоѓа во олтарот. Насликана е Мајката Божја. Другите икони датираат од 1922 до 1926 година. Необично, но слава на манастирот е Ѓурѓовден.

Се служат богослужи секоја недела и секој празник. Официјални празници се Свети Димитрија, Свети Ѓорѓија, Свети Илија и Иванден.

Според преданието на местото од манастирот порано имало црквичка посветена на Света Недела или на Света Петка. За то сведочат постарите икони.

Неколку чекори од црквичката, не многу високо, кубури камбанаријата веќе 70 години. Црквата за среќа е реновирана со зачуван автентичен фрескопис на таванот.

Огромниот двор е како зелен тепих од трева. Има клупи и неколку масички за одмор на посетителите.

Изграден е и нов конак. Прекрасно здание на три ката. Само горе има 15 соби и капатила, ќелии, трпезарија, кујна. Кат подолу е огромната трпезарија прилагодена за триста посетители.

Конакот и божјиот храм “дишат” и блескаат од новиот изглед. Погледот од балконот е доживување. Просто се “голта” со око дел од Прилеп и убавините на Селечка Планина. Погледот и душата се успокојуваат. Бликнува радост на соочувањето со божјата и природната моќ. Едноставно потврдувате уште еднаш дека за ваква убавина да се почувствува и да се виде вреди да се оди и пешки.

Со божја помош и помагатели донесена е вода од двата блиски извора. Подобрена е струјата. Откако се асфалтира патото, манастирот е често посетуван оти е блиску до градот. Веќше нема манастирска економија и овци.

Група “домаќини” го одржуваат. Со метлите в раце, не дозволува сламка да падне. Сé е т’к м т’к. Искреност и добрина зрачи божјиот дом.

Околу манастирот постојат четири чешмички распоредени во вид на крст – Света Недела, Свети Димитрија, Света Петка и Средочна вода кои и ден денеска чудотворат.

Според легендата, некој човек се разболел и сонил дека треба да дојде да се измие со водичката и оздравел. Така ја подигнал Средочна чешма во 1971 година. Се раскажува уште една “вистина”. Сограѓанка не можела да остане во блажена состојба. Сонувала дека треба да појди во манстирот Св. Димитрија и тој ќе и подари дете. Срамежливата жена го посетила манастирот и родила здраво дете. Радосна од благодарност, дала јагне во манастирот.Вакви случки има многу.

Манастирот Свети Димитрија плени со својата духовна големина.

Loading