ТАБЛО НА КАРАТЕ ЛЕГЕНДИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА

ПРИЛЕП БЕШЕ ДОМАЌИН НА ТРЕТАТА СРЕДБА НА УНИЈАТА НА КАРАТЕ-ВЕТЕРАНИТЕ

На Третата средба на Унијата на карате-ветерани на Македонија масовно присуствуваа каратисти од многу градови каде се негувал и уште се негува овој индивидуален спорт, источна вештина. На задоволство на домаќините, предводени од Љубе Кафеџиоски – Кафето, потпретседател на Унијата, средновечните каратисти си го вратија филмот кога биле пионери на македонското карате.

– Ракувања и прегрнувања на средбата, поуспешна од претходните. Некогаш сме биле ривали, а сега сме најдобри пријатели. Преубаво. Обемната програма опфати доделување појаси и признанија на карате-легенди од Прилеп. Покрај потпретседател сум и селектор на Унијата на ветерани. Желба ми е да излеземе да се натпреваруваме со други држави, да составиме екипа, па да редиме успеси за нашата Македонија – рече Кафеџиоски.

Во прекрасната и весела атмосфера, полна со насмеани лица, разговори за животот и за каратето. Оти, на овие луѓе каратето не им е само спорт, туку живот. Надолго и нашироко се потсетуваа на времињата, на најзначајните настани. Убавото не се заборава, до ситни детали. Се спомнаа многу значајни имиња од минатото, меѓу нив не само каратисти, туку и тренери, водечки членови на клубови и на некогашниот Карате сојуз на Македонија, сега Карате федерација на Македонија. Сето ова во присуство на првиот човек, претседателот на Унијата, проф. д-р Чедомир Саздовски.

– Прилеп уживам да доаѓам. Имам многу пријатели. Сум минал со нив многу време, како подготовки, тренинзи… Се чувствувам многу пријатно. Пресреќен сум што се собравме толку многу ветерани. Куриозитет, оти ова не се случило во ниеден друг спорт. Унијата постои не само за потсетување на минатите времиња, туку и за нудење стратегија за денешното карате, за младите генерации – порача Саздовски.

Воздишки и силни емоции предизвика документарниот филм за каратето, сниман пет години низ цела Македонија. Лицата од големото платно како сега директно да се обраќаа. Филм-богатство, снимки, слики, чисти, искрени навраќања за случките, клучните моменти. Се откријаа и непознати нешта. Навраќање за почетоците на овој спорт, за развојот, за врвните достигнувања, за освоените медали во некогашната Југославија, како и за настапите низ Европа и светот по осамостојувањето на Македонија.

 – Дојдоа  над 200 од речиси цела Македонија, Велес, Скопје, Битола, Кавадарци, Штип… Пријателството нé исполнува. Сите нé сплоти спортскиот дух, убавите спомени. Во Југославија беа меѓу најдобрите репрезентативците од Македонија. И клубот Еуроинвест од Прилеп беше во тоа златно време за каратето. За денешницава, потребно е да ги внесеме младите во овој спорт. Ние ветераниве тренираме, а од септември ќе ги повикаме и младите – подвлече Златко Пирганоски, во каратето од 1973 година, сега потпретседател на Унијата.

Безброј тренинзи, натпревари, медали, победи, порази. Во минатото како најразвиени карате-центри биле Скопје, Штип и Прилеп. Незаборавни се мечевите меѓу прилепчани и штипјани. Драматиката на тие дуели ја опиша Ѓорѓи Хубрев, сега генерален секретар на Унијата.

– Беше најжестоко кога во Штип за соперници ги имавме каратистите од Прилеп. Дерби како Звезда – Партизан во фудбалот. Прилепчаните беа многу квалитетни борци. Ги спомнувам Оливер, Горан, Роберт, Пеце Белистојаноски, Мики Јашаро, Трајче Димоски, Златко Димоски, Бети, Мече, Валентина Пурдеска, Наум… Наум Трајкоск беше вешт, со брзина, техника и многу бистар борец. Знаеше каде да удри. Пред тоа и потоа секогаш најдобар другар – потсети Хубрев.

Дружењето на каратистите преку Унијата продолжува годинава во Скопје. Каратето е убав пример што треба да го следат сите други спортови.

Спортска крв до века

Прилепски и македонски карате-легенди – ова е насловот на таблото на кое се фотографиите од 26 најистакнати поединци од карате-историјата на Прилеп. Сликите се на инволвирани по неколку основи во каратето (каратисти, тренери, судии, функционери…), со резултати за почит и внимание, со висок придонес во омасовувањето и развојот на “шотокан” и “вадорју” школите во Македонија.

Изборот е со овие карате-легенди: Петар Пацаноски, Оливер Џартовски, Круме Спиркоски – Џемо, Арсо Синадинов, Милан Башески, Кирил Иваноски – Дрцко, Славе Ѓорески, Петар Камчески, Златко Пирганоски, Златко Димоски, Елизабета Димоска, Наум Трајкоски, Трајче Димоски, Петар Чешелкоски, Јордан Зазоски, Драшко Бузески, Борис Темоски – Бонтоно, Златко Богески – Ѕверо, Милан Тоцев, Љубе Кафеџиоски, Лазо Бумбароски, Валентина Пурдеска, Петар Белистојаноски, Кристијан Чешелкоски, Кире Спиркоски – Чипсио и Златко Симоноски.

Loading