НАГРАДА ЗА ЖЕНСКИОТ ХОР КЕРАМИЈА

Прилепскиот женски камерен хор Керамија, под диригентска палка на Катерина Попоска, се врати дома закитен со специјална награда од учествувото на Интернационалниот фестивал од натпреварувачки карактер “Арт Ин” во Кавадарци.

За аматерскиот хор со ентузијасти и вљубеници кон хорското пеење, наградата е признание за напорната подготовка и изведба која го воодушеви не само жирито, туку и на љубителите на хорската песна во градот на виното.

Керамија до сега учествувал на повеќе фестивали од ревијален карактер како што се Интернационалниот фестивал ТеХо 23 Тетово, фестивалот за камерни хорови Астибо во Штип, Зимска приказна во Битола и на Предновогодишниот базар во Прилеп.

Годинава планирано е учество во Тетово, а за октомври се подготвува целовечерен концерт.

– За секој кој е надарен и на кој му лежат изведбите на хорскиот ансамбал, вратите се отворени да го сподели уметничкиот афинитет – вели диригентот Попоска, заблагодарувајќи му се на професорот во пензија Трајче Зуљамоски за донацијата за гардеробата на хористките.

Членови се Ане Чесноска, Оливера Цветаноска, Маја Јорданоска, Билјана Црвенкоска, Катерина Димеска Ангелеска и Катерина Попоска, и како хорист, и како диригент.

Loading