И ГОЛМАНОТ ДАДЕ ГОЛ

Фудбал

На Градскиот стадион “Гоце Делчев” се одигра финалниот меч од Купот за територијата на ОФС Прилеп, Победа (Прилеп) – Црвена ѕвезда (Сенокос) 14:0. На крајот од сезоната второлигашот се покажа пресилен во однос на новиот третолигаш. Првото полувреме беше многу поскромно со голови, 4:0. Имаше и убави акции од кои беа затресени мрежите. Публиката виде надарени млади играчи, како Марио Тасески со силниот удар оддалеку, па Салим Арифи со умешноста на мал простор… Интересно е и тоа што меѓу стрелците е и голманот Антонио Столевски, кој реализира пенал. Стрелци: Христијан Поп-Антоски 3, Салим Арифи 2, Марио Тасески 2, Дестан Адили 3, Димитар Шаркоски, Дарио Спиркоски, Антонио Столевски (п), Давид Дебрешлиоски. Екипата Победа продолжува натаму во Купот, меѓу учесниците од цела Македонија, а за Црвена ѕвезда е значајно тоа што оваа година го постигна големиот успех, пласманот во Третата лига – Југ, ранг каде има надеж дека ќе може да опстојува, со неколку засилувања.

Следи одмор, а новости се очекуваат во преодниот рок, по 15 јуни.

Loading