ДАЛИ ФОНТАНИТЕ СЕ “САКАТИ”?

Постои една фонтана за која знаат барем половина луѓе во светот, тоа се величествените магични фонтани кои претставуваат една од главните атракции на Барселона. Изградени се во 1929 година, со спектакуларно водено, светлосно и музичко шоу. Има стотици кои се уметнички дела, популарни атракции во многу градови низ светот, пред кои голем број на туристи прават пауза и се фотографираат. Многу се и симболи на градовите.

За разлика од нив, фонтаните во Прилеп годинава, малку осакатени, колку-толку, ставени се во функција да создаваат градски импресии. Најатрактивната, пред Комерцијалната банка, е технички, поедноставена. Од повеќето водени шмркови од оригиналната верзија од пред 15 години, неколку млазеви прават импровизации на акробации и егзибиции и играат некаква естетика на градот. Дури некој поставил и надворешни пластични цевки во коритото, иако архитектот што ја дизајнирал смислил водата да танцува во ритамот на музиката со менување на силата на млазевите и на светилките во боја. Веројатно било тешко одржуавуњето на декорот на центарот. Повеќето од ефекти се исклучени. Изгледа како крпен водоскок, шадрван. Одржувањето е скапо. Комплициран е системот на вода, струја, пумпи и електроника… Високи се давачките за одржувањето на ПХ вредноста на водата, па хлор, хлороводородна киселина и друга хемија за спречување на зелените алги што се создаваат со различните температури. За цените за одржување на пумпите, светлата и другата техника да не се зборува.

Водата секогаш е празник за очите. Затоа изгледа дека џампинг фонтаната пред ЦК “Марко Цепенков” е во добра техничка кондиција. И таму недостасува почест надзор. Неколку од млазевите не се фукционални со светилките под нив. Колку-толку ги радувата децата и родителите при прошетката.

Фонтаната под кружниот тек Карпалак, за среќа, е во солидна состојба. Комшиската фонтана пред Стопанската банка зјае “пуста”. Не блика вода. Млазниците се суви како барут. Оставена е на времето. Ама, барем коритото е чисто, без отпадоци. Суво е коритото на фонтаната во населбата “Димо Наредникот” неколку години. Нема вода ниту во просторот за водена површина во Точила. Кој знае како е во населбата Ѓогдере. Коритото на фонтана на улицата “Димо Наредникот” беше затрупано. Наместо вода се наполни со земја, а над неа цвеќиња.

Прилип не е турска касаба. Чудно е како не може да обезбеди средства за темелна реконструкција на неколкуте фонтани. За жал, засега нема некоја идеја за нови водени спектакли, се разбира не како во Барцелона, Лас Вегас или Дубаи.

Loading