ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 25

Епидоптер

Изутрината, кога се разбудивме, жена ми Марион ме праша:

– Што е тоа епидоптер?

– Епидоптер? Не знам. Зборот ме потсетува на нешто. Ќе погледнам во енциклопедијата.

Излегов од приколката стационирана во широкото високо работно ателје од покојниот татко на Марион. Насекаде околу, на сосема едноставни полици беа наредени нашите книги.

– Значи?, ми викна Марион која си ги миеше забите во многу малечката кабина туш-хемиски клозет во приколката.

 – Го нема тој збор во енциклопедијава, ниту во речникот, и одговорив враќајќи го на своето место на рафтот од полицата дебелиот том.

 Бидејќи, како и секое зимско утро, во ателјето беше ледено студено. Побрзав да запалам оган со дрва во големиот и многу едноставен пампур, што престолуваше на своите железни нозе во еден ќош од просторијата. Подоцна, додека појадувавме, во туристичката приколка, почнав да ја испитувам Марион:

 – Епидиоптер. Каде си го чула овој збор? Мене ме потсетува на некаков инсект…

 – Го сонував ноќеска.

 Знаејќи ја шансата од жена ми често да сонува, и тоа “луксузни соништа” во убави бои, заинтересиран и реков:

 – Раскажи.

 – Беше како во некаква широка ливада, – почна Марион, – полна со многу убави бои. Во неа имаше едно чудно растение – епидоптерот. Неговото стебло завршуваше со еден лист. Во земјата имаше голем корен и уште еден лист…

 – Лист-корен, тоа е невозможно, реков. Колку мене што ми е познато постојат листови што се трансформираат на пример во трн, ама лист-корен, тоа не постои.

 – Да, но во мојот сон беше така. На стеблото имаше уште еден лист, сиот здиплен и во него еден кожурец. Во кожурецот имаше свилена буба. Сето тоа беше толку чудно…

 После појадокот ја кладов виндјакната и излегов во дворот. Погледот ми зашета отаде оголената жива ограда, накај малечките селски гробишта. Таму почиваа родителите од Марион. Потоа очите ми се загледаа во скромната куќа, моментно ненаселена, бидејќи беше стара и во лоша состојба. До неа беше залепено ателјето со нашата приколка. Повеќе поколенија предци од Марион проживеале во таа зграда. Марион дојде до мене:

 – Мириса…

  – Да, на снег, потврдив. Нормално, сега сме во февруари.

 Малку подоцна ме викна од градината каде имаше неколку овошни дрвја.

 – Точно ова го видов, ми рече.

 Да, така беше. Во еден агол, засолнат од ветерот и од евентуални погледи однадвор, имаше едно растенијче високо неколку сантиметри. Еден лист на врвот, друг долу со двете третини пикнат во земјата и, трет лист завиткан на нежното стебло со истата боја како и остатокот од растението, зеленикаво – црвена бакрена.

 Малку глупаво ја прашав:

 – Ова е епидоптерот?

 – Да.

 Клекнавме околу малечкото растение и се загледавме во него без да го допреме.

 И се обратив пак на жена ми:

 – Средзима! Ќе замрзне!

 Таа ноќ снегот почна да паѓа во големи густи снегулки. Овојпат се чинеше дека ќе се задржи подолго од минатите снежни врнежи таа зима.

(продолжува)

Loading