„АУДИЦИЈА“ ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ТЕАТАРОТ

Со изведбата на претставата “Аудиција” во режија на Владимир Милчин,  театарот “Војдан Чернодрински” на 27 март (среда) од 19.30 часот, ќе го одбележи Светскиот ден на театарот.  Горчливата комедија зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината. Мајсторски напишаната пиеса е со динамично дејствие полно со пресврти. Битката за подобар живот ги дроби и изобличува ликовите, фрлени да пливаат во казан во кој нема да потонат само оние кои ќе се откажат од човечноста. Играат, Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска,  Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски.

Македонската порака за големиот празник за театарџиите, за светскиот ден на театарот ја напиша режисерот Коле Ангеловски.

-Тој ни доаѓа како куќна слава. И тогаш театрите се обидуваат, на тој ден, да дадат премиера, па потоа коктелче, баш како на куќна слава… Доживеав два радикално различни периоди во македонскиот театар. Првиот, кога Македонија, во склоп на Југославија, водеше сметка за културата… Тогаш театрите ги водеа компетентни и значајни личности. Сé функционираше како што треба… Во независна Македонија имаше околу 20 национални установи кои целосно беа финансирани од Министерството за култура. Дојде демократијата, во театрите дојдоа партиски директори, кои носеа партиски режисери, избирајќи ги партиските глумци и соработници и со големи буџети правеа големи проекти. Не претстави, проекти според големи автори. Големи најави, мали резултати. Ќе се променеше власта, нови партиски директори, нови партиски режисери, нови соработници, големи автори, големи најави, а се помалку публика, помалку репризи… Секоја година со ребалансот на буџетот, парите во културата се намалуваа за 10,  20 отсто… Сега со овие средства што ги добиваат театрите, со исклучок на две, три претстави со пристојни буџети, крпарат со сценографии и костимографии од фундус, музика ќе симнуваат од Јутјуб, хонорарите, ако воопшто ги има, ќе бидат минимални. Ќе гледаме, по кој знае кој пат нови видувања на “Тартиф”, на дела од Шекспир, Стефановски… Ќе “измислиме нов правец” во театарот – “гол театар”, празна сцена, две столици, црни завеси… Зградите се распаѓаат, вода тече од сите страни, греење нема, стотина дипломирани млади актери чекаат некој да респише конкурс, евентуално да бидат примени… – посочува Ангеловски.

Светската порака ја напиша Јон Фосе, писател и драматург од Норвешка.

– Добрата уметност успева на свој, чудесен начин, да ги соедини уникатното со универзалното. Но, ни допушта да разбереме каде е разликата, на она што би се рекло – што е уникатно, а што универзално. И со тоа, уметноста ги пробива јазичните бариери, географските граници на сите земји, држави. И ги соединува, не само индивидуалните квалитети на луѓето, туку и индивидуалните особености на сите групи на народи, од сите нации. Уметноста не го прави тоа со изедначување на различностите, за да нé направи исти или еднакви, туку напротив, го прави со покажување на различното во нас, на другото, туѓото. Секое добро уметничко дело се содрчи токму тоа, нешто туѓо, нешто необично, нешто што не можеме да го разбереме целосно, но на некој начин, сепак го разбираме. Мистерија. Содржи нешто што воодушевува и што тера да ги надминеме поставените бариери, и со тоа се себенадминува, носи над земните и материјални потреби од физичката реалност, што секое уметничко дело мора да го содржи во себе и да води кон тоа – посочува Фосе, додавајќи дека секое уметничко дело длабоко во себе се врти околу едно единствено нешто: земајќи ги сосема посебните и комплетно уникатните нешта, правејќи ги универзални.

Loading