МАРТИНКИ, МАРТИНКИ…

Родителите треба да ги потсетат децата за мартинките, кои носат  среќа. Се радуваат најмалите, оти со помош на блиските вешто се плетат од црвен и бел конец. Се ставаат на дел од облеката во почетокот на март. Носат и млади и стари секој прв мартовски ден, како да е празник. Се верува дека мартинките имаат магиско дејство.

Ова е обичај. Не е суеверие, туку традиција. Најстарата жена во семејството врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци. Мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или на првиот штрк. И до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен и се гази одозгора. Ако после еден месец под каменот има мравки, се верува дека годината ќе биде бериќетна. Учениците ги закачуваат мартинките на дрво за среќа штом ќе забележат преселна птица.

Етнолозите велат дека секој први март, во чест на мистериозната Баба Марта и доаѓањето на пролетта, се плетат уникатните мартинки, омилени модни додатоци на младите.

Тие се бразлетни од црвена и бела волница или од свилен или памучен конец. Зависи од фантазијата на мајсторот. Може да се врзат на раката, како топчиња или коцкички, па и мини куклички или панделки за на јаката. Црвената боја значи крв, живот и љубов, а белата чистота, среќа. Учениците очекуваат успех во училиштето, младите среќа во љубовта и возрасните резултати во работата и животот.

Како и да е, традицијата продолжува со носењето на мартинките до 22 март, оти носи среќа и здравје во животот. Ова е своевиден ритуал што носи радост, а адетот се пренесува со герерации. Така било, така е и така ќе биде секој март..

Легенда за Ксантика

-Култот кон Ксантика води три милениуми назад, задржан до денес. Старите Македонци имале празник Ксантик. Се славелна почетокот на пролетта од 1 до 31 март. Ксантика означува светлина, виделина т.е. божица на цвеќињата, на љубовта и убавината.

-Според едно предание во Ксантика бил заљубен македонскиот бог Македон. Таа му била прва и чиста љубов. Откако злите сили ја претвориле во цвет, Македон секоја пролет ја барал на сите ливади и полиња, покрај сите бистри потоци и реки во Македонија. Потрагата секоја година траела 30 дена. Поради оваа несреќна љубов Македонците првиот месец на пролетта го нарекле Ксант, а пролетниот празник Ксантика – велат етнолозите.

Македонските војници ја славеле Ксантика облечени во свечена македонска облека. Пееле и играле македонски песни и ора, со што се истакнувала уметноста на нашиот народ. Делови од овој празник може да се најдат во празнувањето на Прочка, Младенци, Благовец, Лазарица, Цветници и неколку други празници што се прославуваат во текот на пролетта

За празникот Ксантика верува дека се прочистува душата, се  простуваат гревовите, се буди природата полна со пролетна светлост  и ја победува зимската темнина. Празникот е предвесник на пролетта.

Loading