ТРЕСКАВЕЧКИТЕ ГРАМОТИ – УНИКАТНИ СРЕДНОВЕКОВНИ ПИСМЕНИ СПОМЕНИЦИ

Познатите Трескавечки грамоти, издадени од српскиот крал Стефан Душан (1331-1346) за манастирот Трескавец се оригинални, автентични средновековни пишани документи од прилепско тло низ кои се проследува живеењето на овие простори во хронолошко -историски, географски, етнографски и во јазичен контекст. Висока е вредноста на македонското ракописно наследство.

Според стручнаците, зачуваната средновековна дипломатско-правна граѓа е драгоцен изворен материјал и за македонската историска географија, политичките и економските услови за зачуваниот јазик, на кој е пишувана во одредениот период, без оглед на нејзината државна провениенција.

–  Четирите Трескавечки грамоти се значајни јазични документи кои сведочат за евидентно навлегување на народниот македонски јазик, иако се настанати во официјалната српска канцеларија како средновековни пишани текстови. Јазикот на грамотите е малку проучуван. Недостатокот се должи на тоа што не беа собрани на едно место и издадени на соодветен начин до моментот кога д-р Владимир Мошин и д-р Лидија Славева се зафатиле со создавање и комплетирање на дипломатскиот корпус настанат во Македонија – велат експерттите.

Еминентните научници ги собраа четирите грамоти на едно место и направиле критички и делумно реконструирани изданија во едицијата “Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија”.

Јазикот на Грамотите е во духот на црковнословенската писмена традиција од 14 век.

– Специфичен е продорот на говорниот, народниот елемент во документите. Тие се први средновековни текстови со присуство на народен јазик. Со тоа се напушти тезата дека дамаскините се првите пишани споменици каде навлегуваат јазичните елементи од говорната средина. Правописно, имаме спорадични примери на графичко маркирање на носовката “он”, но и замена во “а”, губење на епентетско л, зачестена употреба на предлогот “в” место српскиот “у”, бележење на едначење по звучност. На морфо-синтаксички план има зголемената употреба на предлозите, се губи род, број и падеж, има влијание на една именска основа врз друга, се губи крајниот суфикс “т” во 3 лице – сегашно време. Присутни се  зборови од народната говорна сфера и земјоделската терминологија. Најзначајниот дел на грамотите е што се редат голем број на географски и лични имиња, кои допрва треба да се обработат и презентираат – е ставот на стручнаците.

ЗЛАТНОТО ЈАБОЛКО ЈА УБИЛО МАНАСТИРСКАТА ЛАМЈА

Манастирот Трескавец е еден од најстарите, идентификуван со архитектурата на црквата, која од страните има отвори, што отсуствуваат во храмовите. Манастирот не бил правен за време на Царот Душан, туку датира од првите христијански периоди.

Според едно преданието, црквата е постара од светогорските манастири. Во Трескавец се подвизувале околу 300 монаси. Една царска ќерка по име Каламарија, од родители христијани, тргнала за Св. Гора да пости и да се причести. Светогорските калуѓери не í дозволиле. Ја убедиле дека на Света Гора не стапнува женско суштество. Каламарија тргнала за Прилеп. Во подножјето под Трескавец побарала изим од игуменот да пости и да се причести. Игуменот не í дозволил на жена нехристијанка. Царицата трипати ја повторила молбата. Се јадосала и заповедала да се урни манастирот, а монасите да се погубат. Заповедта била исполнета. Од целото здание останала неповредена само црквата. Од мршите и крвта на истепаните луѓе, се создало чудно животно, ламја, која го јадела секого во манастирот. Затоа стоел пуст цели 200 години. Во предание се раскажува дека било поставено златно јаболко на највисокиот врв. Го крстиле Златоврв. Јаболкото толку светело, што зраците стигнувале дури во Солунското море, кое се гледало од врвот. За времето на грмотевиците јаболкото паднало и го убило чудното животно.

Loading