МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА – ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ 19

Понекогаш патници, кои крстосуваат по бездните на универзумот, среќаваат еден вселеноброд сребренобел и челично сив, “Деница” окапан во бранови црвено-портокалови или модро-лилави. Во него има една стара жена со коси од платина и од сребро. Има и една млада вселенска војвотка со грациозна силуета, ама амазонска става, што над облеклото носи космонаутски безбоен проѕирен комбинезон. Има и едно малолетно уште момче, Филип, кој е спремен да се бори и да загине за татковината, како што се бореле и изгинале сите негови предци по мајка и по татко. Но, тој не бара таква борба, туку учи, оти еден ден ќе се бори и ќе победува и тоа силно оружје, како и обичното, комитското, ќе го остави во наследство на идните поколенија на Унијата.

Тројката на вселенобродот транспортира и неколку грстови пепел. Сé што останало од изгореното тело на Капидан. Некаде во вселенските бескраи, на изворот на изворите, на кладенецот на кладенците, на местото што никогаш човек не го видел, ниту човечка нога таму стапнала, таа пепел ќе ја дадат на космичкиот ветер да ја развее, да ја расее низ бескрајниот океан на просторот и на времето.

А јас, вселенски Улис со зад мене многу одисеи, на светол крстопат меѓу две галаксии ја чув оваа прличејада, пеена од белокос народен пеач придружуван од небесна оргула, и ја запишав од збор до збор.

Миризбата

Манол Димов беше човек без среќа во животот. Долг живот далеку од својата родна Македонија исполнет со дискретна скромност, со чесност, со работа што ги збогатува другите.

Пензионер, остарен и исцрпен, оди со несигурни чекори по тротоарите, туркан од младата динамична толпа, и мачно го влечка своето торбе со неколку скудни купени работи. Старците јадат малку. Потребите им се мали. Од време на време се запира да си го смири здивот, “да се издиши”.

Кога стигна во холот, повеќе мрачен и непривлечен од станбената зграда во која е живее во независна соба во тече вода, направи пауза пред редот со кутиите за пошта. Не се надева да најде интересно розево намирисано писмо во својата кутија. Таквите дописи се резервирани за други. Тоа е повод да ги собере силите пред да се судри со бескрајните скали што водат кај него, на вториот кат. Освен некаква фактура, кутијата секогаш беше празна. Откога здивна, се поискашла, атакува на искачувањето.

Пред вратата, со растреперена рака, со клучот го побара отворот од клучалката.

“Проклета старот”, проколна. Не оти би бил бунтовен човек, таков тој не бил целиот свој живот, туку затоа што никогаш никому не  му побарал нешто. Сé што му идеше беше само преку сопствените раце. Стравот му растеше пропорционално со слабоста. Ќе дојде ли ден кога туѓи раце ќе треба да му помагаат, да го мијат, да го хранат, да го легнуваат в кревет или да го носат до нужникот? Си спомни за некои од своите некогашни пријатели. Веќе сите с починати, или сведени до положба на бедни живи лешови во некој старски дом, сенилни и халуцинирани, неспособни да речат два смислени збора.

“Проклета старост, грдост!” Од неа се срамеше и наедно се плашеше.

Го пушти торбето со накупеното до решото, на кое ги спремаше сиромашните јадења. Бессилно се отпушти во едно разнишано седиште. Со згаснатите очи ја набљудуваше вратата од собата. После секојдневното враќање од бакалницата, ја затвораше на-клуч таа врата што водеше кон светот од живите. Никој не идеше да тропне. Како некоја плоча, остануваше херметички затворена врз гробот од Манол. Единот поштарот еднаш месечно чукнуваше. Му ја носеше пензијата. Башка, беше мртва тишина. Од другата страна беше шарениот живот, зовриен котел чии звуци повремено, силно придушени, доаѓаа до ушите од старецот. По должината од 24 саати вратата понекогаш го пропушташе Манол, претпазливо, срамежливо како да се извинуваше за нешто, избегнувајќи да сретне некого во долгиот и тажен ходник, се упатуваше кон заедничкиот тоалет на катот. Понекогаш, ноќе, ќе се сретнеше нос в нос со некоја млада босонога девојка, со разбушавена коса, завиткана во пењоар под кого се погодуваше тело покриено со пот сосема соблечено. Велејќи си дека младиот човек настанет во една од соседните независни соби “имаше посета”, старецот, збунет, речиси со зацрвенето лице, неслушливо и неразбирливо пожелуваше “Добровечер” и ќе му ја дувнеше најбрзо што е можно.

 (продолжува)

Loading