СВЕТЛИНАТА ВО НОЌТА

Даниел Mелвил – Македонска рапсодија 17

Видеофоните брмчат и фрлаат тридимензионални молњи, мултихромни, од едниот крај до другиот на Млечнопатската унија Зора. Возбуда, така ги исполнува малку по малку жителите на обединетите планети, после гамите преку кои ја научуваат лошата вест. Вибраторна бура, гравидна од извесна загриженост, тече низ космосот – братско меѓу аудиовизуелните приемопредаватели. Не, не е во прашање експлозијата на некоја ѕвезда, ниту уривањето врз самата себе си на материјата од еден сончев систем или соѕвездие. Не е ниту приближување на сончев систем или галаксија од антиматерија. Не станува збор за некоја од оние непредвидени вселенски катаклизми, заради човечката несовршеност, или непредвидливи заради границите на неговата наука посотојано проширувани, но што вечно постојат во бескрајната природа.

На престолната планета Зора, шеснаесетте континенти од кои е составена, се како и обично модри, зелени, црни, црвени, спокојни. Овде-онде низ големите ненаселени простори се шаренеат палати од дијаманти, гори од гранит, езера со кварцни кристали. Понегде, село, град, пештера исполнета со цртежи и со мебели од природни скулптури, Музеи на науките и уметностите тие се ненаселени и бесплатно посетувани од секого, кој се интересира за историјата на Унијата. Роботи се движат во потполна тишина. Не да ги чуваат, туку да ги одржуваат во одлична состојба спомените од минатото или снимки на денешницата.

Населените градови се засидрени на орбити околу планетата. Ги има и на врвовите или во подножјетоили под поврвнината од четирите петтини вода што ја покрива планетата. А тоа не се ни неподвижни жилишта, туку индивидуални вселенски кораби, оти човекот се раѓа чергар и умира номад. Секое од тие живеалишта е спремно било кога да скокне во просторот и времето, во зависност од желбите на своите сопственици или екипажи. Метални куќи на вселенски гемиџии…

Еси, мајката од Капидан, е опфатена од црни мисли. Седната најгоре во вселенобродот, под проѕирната како стакло, а сепак појака од дијамант купола над градината полна со цветови и со лозници, се чини дека задремала лулана од вечните бранови на невидливиот океан на просторот. Всушност, старата мајка е преокупирана од загрижувачки мисли. Навистина чудно, си зборува во себе, бидејќи, голема реткост, уште од изутрината видеофоните на семејниот вселеноброд не работат. Стереометриските екрани се празни, ништо на нив не може да се види, да се прочита. На сите нејзини наредби и прашања главниот електронски мозок од коработ непроменливо го дава истиот одговор: Не располагам со достаточно елементи за да ве информирам. Продолжувам да ја барам причината за дефектот, за да можам да го елиминирам со извршување на потребните поправки.

Она што клетата жена не го знае, тоа е дека ГЕМО (главниот електронски мозок) добил наредба од централен комитет на Унијата, т.е. од владата, да ги суспендира сите врски на приватниот вселеноброд “Деница”, за несреќната мајка да не дознае предвремено за трагичниот настан. Комитетот ја испраќа до неа верната сопруга на Капидан, Сирма, и до пристигнувањето на оваа, ГЕМО нема да ги ослободи видеофоните и другите врски на бродот со надворешноста. Никој друг немаше смелост да и ја соопшти тажната вест на старата жена.

Црни мисли како црвје ја јадат мајката, а океанот од колективната интелигенција на нацијата во кого пливаат сите индивидуални мозоци взаимно поврзани со невидливи канали, тој фатален ден исто така и е затворен и од него не каптира ништо разбирливо. Со меланхолична воздишка Еси се потсетува на своите 8 ќерки и 8 синови, од кои 14 паднале како бранители на слободата и на напредокот на Унијата, та сега и остануваат само малолетниот Филип и Капидан, славниот борец за татковината кој ја продолжи семејната традиција на вселенски војвода. Капидан, секогаш завземен со барање и гонење на космички пирати, на угнетувачи од сите видови, бестрашниот јунак над јунаци на перифериите од она што ги поврзува сите жители на родината и што затоа официјално се вика Унија. Каде ли е во овој момент Капидан?

(продолжува)

Loading