СУРОВИОТ ПОКРИВ НА МАКЕДОНИЈА

Кајмакчалан

Со височина од 2.521 метри над морското ниво, на границата меѓу Македонија и Грција, врвот Кајмакчалан, е петти највисок врв меѓу планинските врвични господари во Македонија. Тој е горда возвишена точка на планината Ниџе. Се пристапува и од македонската и од грчката страна. Од кај јужниот сосед пристапот е далеку полесен и подостапен отколку 50-тина километри должина и 1.600 метри височинска разлика од македонската страна, од кај селото Скочивир.

Ако човек избира, а сефте се искачува, пожелно е да го тргне совладувањето од кај Грците, од скицентарот Ворас, 600 метри подолу од Кајмакчалан. Возбудата е силна во зима, оти дивината е непредвидлива и доведува до многу опасности, особено жестокиот ветер кој буквално “тепа” дирекно в лице. Патеката од скицентарот до врвот е пристојно обележана со  пластични маркери со кои се ограничуваат и трасираат скијачките патеки. Добро оди качувањето без виулиците кои знаат да е “касаат” и ако снегот  добро е нагмечен од гасениците на ратраците кои се движат нагоре да ги чистат и одржуваат патеките. Милина е белината кога ветрот не шиба со смрзнувачка суровост и жестокост. Движењето нагоре е нормално и во зимски услови без ветар. Брзо и лесно се совладува височината, нудејќи планинско, автентично уживање и откривање на лицата на природата. Ретки се тие кои не издржале, оти патеката е блага, а духот полн со верба да се достигне посакуваното. Кога нема магла, патеката лета под нозете. За неколку часа се стапнува на највисоката точка. Пожелно е да се “проба среќата” и издржливоста за неискусните кога пука сонце на белата покривка. Ризокот е голем ако не се познаваат планинарските правила, па и обележаните рути. Лесно може човек да се загуби низ недогледната постилка од белона. Додека се наѕира Кајмакчалан нужно е да се следат обележувачите кои дават правилност на движење, покрај трагите од ратракот, кои лесно можат да однесат човек во друга насока, па и до вртење во круг. Уморот постепно ја зема силата, особено последниот половина час. Но, од дебелата и монотона белина, се покажува накитената меморијална црква Свети Илија, украсена со мранѕули на врвот Кајмакчалан. Храмот е посветен на загинатите српски војници во битките во 1916 г. во Првата светска војна. Студот како скулптор ја декорирал и камбаната, која била донација од Михајло Пупин. Во бојиот дом, своевремено почивала и урната со срцето од швајцарскиот форензичар Арчибајлд Рајс.

Горе, на еден од неколкуте македонски покриви, бриши студ. Нема завет на лединката. Сепак задоволството го победува ветерот. Засолниште може да се најде во црквата, ако студенилото не ја заковало вратата како со клинци, па да не може да се отвори. Сепак пукаат смрзнати слоеви, наталожени на портата. Допадливо е внатре. Студ без ветер. Нормална зимска слика. По 15-тина минути на врвот, соочени со не баш пријатни и не долго издржливи услови, глетката упатива за назад, кон Ворас.

Искачувањето на Кајмакчалан се памети ако е прво и ако е студено. Врвот предизвикува возбуда. И лете остава силни впечатоци во меморијата. Зимското е ризичо, но и авантуристичко патување, исполнето со страв, кој го буди адреналинот.

Loading