МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА – ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ 16

Му мавна за поздрав со раката и продолжи да се оддалечува. Ангуш остана неподвижен на место. Гледаше кон нејзината тенка и висока силуета што се оддалечуваше низ снежното перде. Во еден момент, тоа перде сосема ја голтна. Исчезна во снежните партали како никогаш да не постоела. Ангуш ја извади капата и тргна да се врати дома. Снегот паѓаше и му се насобираше на косата. Му го ладеше челото и до извесна мерка му го гаснеше пожарот во него. Влезе во станот, покриен со снег, со чизмите и со палтото. Седна пред машината за пишување и се загледа со далечен поглед во ангажираниот лист на кој го начукал пред една вечност само насловот од расказот што предвидел да го напише – “Самотија”. Седеше, а седеше, минутите, саатите минуваа. Во еден миг, почна “да свири”, удирајќи на пипките од машината. Речениците се нижеа една по друга. Личности и настани се раѓаа. Не беше повеќе сам, туку беше во големото друштво, со самотијата. Одеднаш окото му запре на нешто шарено на седиштето од фотелјата визави неговата. Стана, го зеде предметот и се загледа во него. Тоа беше свилената шамија од непознатата девојка, гостинката, што таа ја носеше на главата полна со снег дента кога заѕвони на влезната врата од станот. Значи не ги сонувал изминатите дни и ноќи. Во рацете држи материјален доказ за реалноста на тие настани, за постоењето на непознатата посетителка.

Минаа години од таа несекојдневна преживеалица на Ангуш. Еден ден, седнат пред старата пријателка, машината за пишување, замислено ја набљудуваше својата сопруга што одеше-идеше низ станот. Ја сретна пред веќе многу години на аголот од некоја од улиците на милионскиот град. Се запознаа. Девојката не беше убава, ама не беше ни грда. Кога подобро ја запозна, откри вистинско интелектуално и емоционално богатство. Се венчаа и верно, рамо до рамо, се бореа низ животот. Ангуш, кој сонувал кога бил момче да земе жена убавица, научи, покрај сопругата, дека љубовта, вистинската, вечната љубов, е нешто друго од она што некогаш си замислувал. За никаква убавица не би се согласил да ја напушти својата пријателка и другарка, што за него беше најубавата од сите жени на светов.

– Ангуш, од каде ти е оваа шамија?, го праша жена му и му ја покажа свилената “крпа” од непознатата девојка која некогаш дојде кај него од пердето на снегулки и, по некој ден, исчезна во истото тоа перде засекогаш.

Ангуш се насмевна, ја привлече кон себе сопругата и и одговори:

– Тоа е стара и долга историја што некогаш доживеав. Мистерија, за која и ден-денес немам сосема задоволувачко рационално објаснувње. Мислев дека оваа шамија некаде се ззгубила, ама гледам дека си ја нашла. Таа е единствениот материјален доказ, барем за мене, дека преживеалицата навистина ми се случила.

– Ајде, раскажи!, го замоли сопругата која верно отсекогаш го сакаше до обожување.

– Добро, се согласи Ангуш и почна да раскажува.

 (продолжение)

Loading