„ПРОМЕНИ СЕ, ПРОМЕНИ СÉ“

58. МТФ “Војдан Чернодрински”

Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински” ќе се одржи од 7 до 14 јуни годинава. Мотото на годинешниот фестивал е “Промени се, промени сé”. Дотогаш ќе се организираат настани да се продолжи идејата на уметничката директорка, фестивалот да е активен цела година. Во тек се едукативните работилници за учениците од четири училишта, потоа видео програма на интернет страницата на фестивалот њњњ.мтф.цом.мк, и на социјалните медиуми, но и креирањето на програмата Автор во фокус.

– Промената почнува од себе. Секогаш и во секоја прилика. Кога ќе се промениш себе, може да го менуваш светот околу себе. Да промениш сé! Концептот на годинешното издание е да се промени и театарот и фестивалот, но и да се промени односот кон светот што уметноста го создава – вели д-р Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот.

Годинешен автор во фокус е Горан Стефановски, познатиот македонски драмски автор со чии драми македонскиот театар стана препознатлив во регионот и во светот. Мисијата на фестивалот е инспирирана од неговото дело – да се создава автентична драма која ќе биде поставувана и играна на театарските сцени.

– Се осмислуваат и работилници во Прилеп за време на фестивалските денови. Промената ја споделуваме со јавноста во однос на досегашните добитници на наградите и интервјуата со нив, како и презентација на промената што ја прават спонзорите и пријателите на фестивалот, преку нивно вклучување во нашите активности. Благодарни сме на театарската публика во Прилеп која нé поддржува постојано и é порачуваме дека и ова издание нашиот фокус е публиката, да го направиме фестивалот дом, креативно парче во кое ќе се слави театарот и театарската уметност – додава Стојаноска.

Loading