ЗА СЕКОГО МЕСТО НА ЗАЕДНИЧКАТА ПОСНА ТРПЕЗА ПОД ОТВОРЕНО НЕБО

18-то одбележување на празникот Свети Никола во Прилеп

За градската слава Св. Никола повторно се враќа литијата, настап ќе има црковниот хор и естрадната ѕвезда Калиопи. По 18-ти пат, Прилеп ќе го одбележи својот патрон празник „Св Никола„ кој го има како свој заштитиник. Компанијата Комфи Ангел по втор пат е домаќин, искажувајќи ја својата општествена одговорност. Менаџментот на Комфи Ангел најавува многу новини и посветеност во чествувањето, затоа што не само за вработените, туку и за сите прилепчани денот Свети Никола, е повеќе од празник. Под отворено небо, рамноправно за сите ќе има славска посна храна. Домаќинот организира кетеринг компанија за подготовка на светиниколската трпеза.

– Традиционално за секој празник „Свети Никола” нашите вработени се ослободени од своите работни обврски и имаат задача да бидат дел од градската слава, така ќе биде и оваа година. Ќе бидат поставени маси и столици за да може цела популација достоинствено да си седне, да проба од славската храна. Целта на една слава е да се сподели енергијата меѓу што повеќе луѓе, да се сподели убавината за енергијата да се вклопи и да се врати позитивната енергија на нашиот град. Она што е ново, после литургијата утрото во црквата ќе правиме литија, на мое огромно задоволство намесникот тоа го прифати и за време на литургијата тука пред самиот споменик „Свети Никола” тука ќе настапува хорот на нашата црква. Ќе имаме и естрадни ѕвезди, Калиопи ќе биде онаа која ќе ја сподели нашата позитивна енергија за градот со нас, настапот ќе биде на камената бина, така да ја користам оваа прилика да ги повикам сите прилепчани максимално да бидеме присутни на тој ден, во 12 часот на местото каде се проповеда литургијата и заедно да си ја споделиме убавата мисла и енергија, за едно подобро утре, за еден подобар Прилеп кој ние го заслужуваме. Организацијата ќе си биде на намесникот, ќе бидат организирани мали ангелчиња за достоинствено да се покажи и слушни дека ние, прилепчани го славиме „Свети Никола” најави домаќинот Ирена Јакимоска, сопственик на Комфи Ангел.

Патронот на градот „Св. Никола” ќе се чествува годинава во прекрасен нов концепт, но во духот на христијанската вера и традиција.

– Како градоначалник сакам сите вас почитувани сограѓани да ве поканам заедно на традиционалниот светиниколски ручек на 19ти декември во центарот на градот и заедно да го чествуваме патронот на градот. Локалната самоуправа на Општина Прилеп води грижа како за нашата традиција така и за создавањето на нови моменти и успешни манифестации и прослави. Заедно во духот на христијанството и во еден спортски дух ќе ги одбележиме и реализираме овие настани – вели градоначалникот Борче Јовчески.

Турнирот во мал фудбал со хуманитарен карактер

– Покровител на турнирот е Локалната Самоуправа која дава максимална поддршка на спортот, заедно со генералниот спонзор, компанијата Комфи Ангел. Турнирот секогаш има и хуманитарен карактер. Се надеваме дека и оваа година ќе обезбедиме доволно средства а дел од нив на крајот ќе се доделат онаму каде што има потреба – рече градоначалникот Јовчески.

ХАСАП СИСТЕМОТ ГО ИСТИСНА МАСОВНОТО ВИТКАЊЕ САРМИЧКИ

– Нема да може традиционално да се виткаат сармите со здруженијата како досега, бидејќи не ги исполнуваме ХАСАП системите, сепак знаете се работи за храна и не дај Боже да се случи нешто одговорноста би била целосно наша. Компанијата со која потпишавме договор да направи кетеринг на целиот настан, тие ќе си ги свиткаат и сармичките, сѐ ќе биде донесено на лице место – истакна Јакимоска.

СО САРМИ ВО ГИНИС

„Св. Никола” стана патрон на Прилеп во 2005-та година со одлука на тогашната локална власт, бидејќи речиси половината од домаќинствата го слават како куќна слава. Со „џиновската” порција од 80.191 сармички, во 2008 година Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди.

Loading