РАЗВОЈ НА ГОВОРОТ

Детски градинки “Наша иднина”

За да можеме да зборуваме за говорниот онтогенезис, пред се, потребно е да ги разграничиме термините говор и јазик. Јазикот е апстрактен систем од знаци со семантички и граматички правила. Говорот е инструментална реализација на јазикот, автоматизирани двигателни движења (говорен праксис) преку кои се произведуваат говорните сигнали (фонеми, графеми, Брајлово писмо, Морзови знаци). Говорот е темел на човечката комуникација и е значаен за целосниот развој на детето.

На говорниот развој влијаат органски, психички и социјални причинители. Органски предуслови се говорниот апарат, добар слух, созревање на мозочната кора. Психички фактори се развојот на вниманието, учење и мислење кои се во взаемна врска со говорот и емоционалната стабилност. Социјални фактори се говорната средина, стимулација на имитација и севкупна активност на детето.

Фази  на развојот на говорот кај децата по возраст. Во секоја фаза, детето има свои индикатори за развој. Од 0 – 1 година – Подготовка на периферниот говорен апарат и мозочните структури за првично формирање на говорот; лачењето и викањето на бебето овозможуваат развој на трите оддели на говорниот апарат: оддел за дишење, гласов и артикулациски оддел. Околу 20 от ден после раѓањето детето почнува да реагира на гласот што го слуша. Може да се смири со песна. Ја врти главата во насоката од каде иде звукот, следи со очите. Во вториот месец се појавува гукањето кое претставува збир од звуци без постојана и определена артикулација. Во шестиот месец се појавува лепетниот говор – артикулација на неколку слогови. Во деветиот месец слоговите од типот на ма-ма-ма, та-та-та се интонациски и ритмички оформени, но без никакво значење на конкретен збор. Околу 12 от месец се појавуваат првите зборови.

Од 1-3 години: Период на првичното совладување на јазикот. Првите зборови имаат смисловен карактер, а фонетичкото формирање не е точно. Со еден збор се означува и предметот и желбата да го има и чувствата кон него. После 1.5 година говорот го губи ситуативниот карактер. Околу 1,5 година детето владее активно околу 10 – 15 зборови. Кон крајот на втората година околу 300 зборови. Се сврзува и првата реченица. Се поставува и прашањето ШТО Е ТОА? кое е показател за правилно интелектуално развивање на детето. За правилно артикулирање на зборот, на дете со нормален развој му е потребно да го слушне зборот околу 70 – 90 пати во различни варијанти и контексти,а при случаи на пречки во развојот околу 100-150 пати. На детето треба да му се зборува правилно без употребата на “бебешкиот јазик” колку и да Ви е мило тоа.

Од 3 до 4 години, Фондот на зборови се збогатува и изнесува помеѓу 500 -1000. Во говорот се користат сите вокали А, Е, И, О, У, плозиви П, Б, Т, Д, К, Г, назали Н, М, фрикативи Х, Ј, Ф, В, С – само на почетокот од зборот, африкативи Ц, Ѓ, Ќ и Ч на почетокот од зборот. Се постатува и второто клучно прашање, а тоа е ЗОШТО? Изведува ономатопеја или имитација на емоција. Реченицата се состои од 3 – 4 збора. Се користат именки, глаголи, придавки, па заменки и прилози. Се користат прости реченици во сите форми (расказни, прашални и извични). Може да каже на памет кратка песничка. Ги разликува и именува основните 4 бои црвена, жолта, сина и зелена. Знае да го каже своето име и презиме, дали е машко или женско. Именува делови од тело, облека и нивна намена. Разликува денес, утре, вчера.

Од 4 – 5  години. Говорот е разбирлив, речникот содржи и до 1500 збора. Реченицата е составена од 4 – 5 збора. Употребува сложени реченици. Одговара на прашањата КОЈ? ШТО? КАДЕ? ЗОШТО? Детето прави диференцијација на сите фонеми од мајчиниот јазик. Правилно ги изговара С, З, Ш, Ж, Ч, Џ, Ѓ, Ќ, Ѕ, Л, Љ што не е мерило дека точно на таа возраст може правилно да ги артикулира. Индивидуално, кај секое дете со нормален развој,  фонемите  Ч, Џ, Љ, Р, Ѓ, Ќ може да почне да ги изговара и кон 5,5 година. Раскажува случка. Раскажува и по слики. Покажува лева и десна страна. Ги разликува спротивностите како мало -големо, машко – женско, отворено – затворено… Правилно употребува минато време. Брои до 10.

Од 5-6 години. Фондот на зборови во реченицата е од 5 до 6 збора. Брои до 10 и повеќе. Во потполност го разбира говорот на опкружувањето – импресивниот говор. Ги разликува и именува нијансите на боите. Опишува предмет и го доведува во врска со одредена категотија предмети. Прераскажува подолги случки и приказни. Правилно ги артикулира сите фонеми. Разликува утро и пладне. Знае колку години ќе има на следниот роденден. Знае кој ден е од седмицата.

Преку целиот предучилишен период активно се формира контекстната форма на говорот. Првично се појавува преку прераскажување на приказни и раскази, а покасно и опишување на сопствени доживувања, случки и спомени.

Детето најдобро развива говорни вештини, добивајќи доволно поддршка од родителите, тие се одговорни за неговата правилна стимулација.

Кога ќе ги забележите отстапувањата во областа на комуникација, јазично разбирање, артикулацијата, гласот, темпото на говорот се обраќате на логопед!

М-р по логопедија Даниела Пајмакоска Момироска

Loading