ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ – МАКЕДОНСКА РАПСОДИЈА 3

– Во дадено место во телото?, рече изненадено еден женски глас.

– Да, – продолжи професорот. – Токму така: на определено место. Употребуваните средства прво беа сонди испратени селективно на “лице-место” со зрачење во нашиот организам. Во прво време потполно автоматски, даваа скапоцени известувања за животот на микробите. Не запревме на толку добар пат. Баравме начин да ја подобриме нашата техника. Најпосле успеавме вештачки да произведеме во лабораторија микроби, благодарејќи на проучувањето на автентични претставници земени на местото со помош на нашите сонди. Резултатот на експериментите беше изненадувачки. Дознавме дека микробите живеат во општества, некогаш неверојатно добро организирани. Располагаат со сигнали до повеќе десетици илјади, што им служат да комуницираат меѓу себе. Тие сигнали варираат од една група до друга. Комуницираат на различни “јазици”, чие основно начело е доста едноставно. Откога го научивме “јазикот” на микробите, стана можно да се бориме против нив многу подобро отколку во минатото, кога во некој момент од она што би го нарекол “нивната историја” стануваат вирулентни, опасни за нашето здравје.

Восхитено мрморење се крена меѓу присутните. Професорот продолжи да зборува.

– Ќе ви проектирам филм реализиран со помош на нашите автоматски сонди или, пак, снабдени со посада од вештачки микроби, способни да комуницираат со природните микроби. Ќе видите како микробите се раѓаат, растат, се размножуваат, “зборуваат”, понекогаш стануваат вирулентни, умираат. Животот им трае неколку минути, и нивната историја, средно, трае неколку од саати од нашиот живот. Во последниот дел од филмот, ќе бидете запознаени со некои од лековите што ги употребивме да елиминираме популации од микроби во делови од нашиот организам, кои станале опасни за нашиот конфор и за здравјето. Останува уште многу да научиме за микробите, за користа што ја имаме, а и за штетите што ги предизвикаат со нивната еволуција и прилагодување на нови ситуации.

На знак од професорот, осветлувањето беше изгаснато и почна проекцијата.

о   о   о

Кога Жената му рече на маж í “Ене уште една од оние летачки машини”, Мажот одвај ја сврти главата да види како со голема брзина помина низ небото и, по неколку секунди, исчезна на хоризонтот. Беше вечер. Времето жешко. Седнати на верандата гледаа телевизија и повремено разменуваа по некој збор. Блазиран од појавите на таинствените летачки машини што се почесто се гледаа, Мажот брзо ја сврти главата и пак се загледа во екранот од телевизорот. Жената го праша:

– Што мислиш, од каде идат овие машини?

– Веќе толку пати сум ти рекол: без сомнение идат од некоја населена планета од вселаната. Тие се луѓе поеволуирани од нас. Нивните летачки се сонди автоматски или, пак, се управувани од посада. Од стари пишани документи, египетски, римски или други, се гледа дека тие машини ја посетуваат Земјава откога постои свет и век.

– Добро, ама што сакаат од нас? Зошто ни ги испраќаат сондите?

– Слушај, мила моја, и тоа сме го дискутирале повеќепати. Тие нé проучуваат. Можеби дури и нé употребуваат, профитираат од богатствата на нашава планета на некој начин што нам не ни е познат. Можеби  претставуваме некоја опасност преку атмосферата, преку нашите автоматски експерименти, или нешто друго, не знам што…

– А проблемот на наталитетот, мислиш ли дека и тој ни иде од нив?

– Зошто не, драга моја. Суштествата како нив избегнуваат контакт со нашево човештв. Спрема нашата земска логика, не може да се очекува нешто добро. Ако беше инаку, тогаш зошто не избегнуваат?

Жената и Мажот замолчеа и пак се загледаа во екранот од телевизорот. Вестите беа лоши како обично. И, меѓу нив, Веста со големо “В” остануваше непроменета. Неколку години, заради необјаснета стерилност, не се раѓаше повеќе ниту едно дете на Земјата.

– Бактериостатични, рече Мажот.

– Што?, праша Жената.

– Велам: бактериостатични. Тие се супстанции за запирање на размножувањето на бактериите. Спрема моите скромни познавања, многу од нашите медикаменти така дејствуваат кога микроорганизмите го стават во опасност нашето здравје. Ако не почнат пак да се раѓаат деца, по неколку децении, нашево човештво ќе остари, ќе умре, ќе исчезне од Земјава.

Жената и Мажот, со смрачени лица, нажалени, се загледаа пак, без да зборуваат, во екранот од телевизорот.

Loading