ПРИЛЕП СЕ ГОРДЕЕ СО СВОИТЕ ХЕРОИ

22 години од Карпалак

Со почит и поклон пред споменикот во центарот, градот тагуваше и ја чествуваше 22 годишнината од загинувањето на 10-те прилепски воени резервисти кај месноста Карпалак на 8 август 2001-та  кога во заседа загинаа Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.

Венци и свежи цвеќиња пред спомен обележјето положија делегации од Собранието, од Кабинетот на Претседателот, од Владата, од АРМ, на Прилеп, од семејствата на загинатите, од здруженијата на бранителите…

Градончалникот Борче Јовчески истакна дека хероите ќе останат вечно врежани во срцето на прилепчани, во историјата на земјава, во меморијата на овој непокорен народ, кој својата слобода, независност и интегритет, секогаш за жал, ја добивал и ја испишувал, крваво.

– Карпалак ќе боли секогаш, но ќе остане вечен спомен кој ќе потсетува на храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, животот. Времето не ја бриши тагата, а мислите не го забораваат  минатото. Овој ден е траен белег во колективната свест, оти жртвите беа во мисија на одбрана на татковината и независноста на Македонија – рече Јовчески.

Прилеп со гордост и почит чествува, давајќи завет како Македонци дека ќе се чува нивниот спомен и нема да се дозволи повеќе да има човечки жртви, понижувања и војни.

Преживеаните на Карпалак нагласија дека речиси ништо не е направено достојно за бранителите.

– Се чувствуваме понижени и изманипулирани. 22 години никој не покрена постапка да се види како тоа се случи на 8 август 2001-та. Ние бевме предадени – велат тие.

Беа посетени и вечните почивалишта на загинатите на гробиштата во Прилеп и во населените места. Достојна почит им беше оддадена во касарната “Мирче Ацев”, каде е спомен обележјето на 10-те загинати воени резервисти од 2001-та.

Панихида во храмот Св. Петка

Со соборност и великолепие се чествуваше славата на храмот посветен на Св. Петка во Точила. Под отворено небо, на платото пред храмот на празничната утрена богослужба и света архиерејска литургија чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар во сослужение на прилепските свештеници и ангелските гласови од храмовиот хор.

Управата на храмот преку владиката Петар им врачи благодарници на сите кои на било каков начин се вложија, ставајќи камче по камче во овој огромен мозаик односно помогнаа да се изгради и разубави овој велелепен дом Божји.

Митрополитот на крајот направи панихида за починатите прилепчани кои загинаа во воениот конфликт во 2001 година на Карпалак.

Подостоинствено обележје

Со положување цвеќе и панихида пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје се оддаде почит на десетте загинати бранители од Прилеп, убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.

– Точно 22 години минаа со голема тежина во срцата. Тие несебично се одзваа на повикот на татковината и затоа никогаш нема да бидат заборавени. Длабока почит и сочувство за нивните семејства. Вашите синови ќе ги паметиме вечно како херои, кои за татковината го дадоа живот – истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Претставници на бранителите повторија дека 22 години безуспешно бараат подостојно спомен обележје.

Loading