МЕНДЕ  ЧУВА  ЕВРОПСКИ  ОВЦИ

Методија Здравески, сточар во странство

-Прво бил во Грција, сега во Хрватска

И во социјализмот, и во транзицијата, професијата овчар изгледа  потценувачки, иако е како секоја друга. Ама стаса освестување дека за секоја работа се нужни компетенции. Затоа сега, за професијата, која некогаш беше потсмев, се бара човек под дрво и камен. Ги нема за илјада евра плата. Но, за сограѓанинот Методија Здравески се восхитуваат и во странство.

– Од дете сум со добитокот, со овците, бидејќи сум од селото Мраморани. Завршив Дрвно училиште, а не работев. Потоа завршив и Угостителско. Бев келнер. Се занимавав со тутун, градежништво во Црна Гора и Хрватска, бев обезбедување во Пролетер. Отсекаде заминав, ама никогаш не се одделив од овците. Околу 2008 година добив понуда да чувам овци во Грција. Ме плаќаа 400 евра месечно. Околу 250 овците ги носев кај Кајмакчалан. Работев 5 месеци. По кус одмор уште толку – кажува Здравески како ја почнал овчарската печалба.

На Гркот му се допаднала работата од Менде, оти бил умешен. Дел не се  воделе на пасење. Само во селото им давале храна. Не ги мешале едните со другите. Првите ако давале до литар млеко дневно, вториве и до два-три литри. Се молзеле наутро и навечер, двапати.

– Само ги пасев на ритчиња. Помагав за молзење. Убаво беше. Лесно е  со овците и кучињата – вели Здравески.

Втората овчарска епизода е во Хрватска. Заминал во Задар  на градежништво. Забележал некоја жена со околу 500-600 овци. Се претставил како градежник со 600-700 евра. И понудил помош. И го платила исто толку.

-Со кола ме земаа, ме хранеа и ми плаќаа. Им чистев на овците во аргачите. Ја знам работата, како децава компјутерот. Тргна работава кај сопружинците, Здравко и Невена. Ми велеа: ,,Мато, знаеш, можеби мајка ти те родила кај овците,, –  кажува Менде.

По три години се вратил дома со сопругата и двете деца. Одгледувал 50-60 овци и прикупил уште стотина. Но, не одела работата како што наумил. Евтини јагнињата и бадијала млеко. Ги продал овците  и се јавил кај Здравко во Хрватска.

-Тој пред пензија, ги преполовил овците. Ме препорача кај пријатели близу Задар. Оттогаш работам со колега, Србин од Босна.. На планина спијам во камп. Имаме храна. Чуваме околу 2500 овци со три кучиња обучени. Јагнињата одат со мајките. Не ги продаваат одма, туку до 30 кила. Не се квалитетни како нашите. Месото им е подиво, оти се движат. Ги продаваат веднаш – кажува Менде.

Зиме Менде е во Прилеп, а со мислите е кај овците во Хрватска.

Како клубовите за најдобрите спортисти, така и овчарските компании се ,,тепаат,, за најдобрите овчари. Понуди има од многу страни. Една била од Риека, друга од Пула, трета од Пазин. Таму чекаат 2500 овци за пасење и молзење. Било машинско електрично молзењето. Многу побрзо  отоколку овде. Платата е 1000 евра. Некој пресметал споредбено. Ако тој за 270 овци земал плата од 1000 евра, тогаш Менде за 2500 овци би земал над 3000 евра, со оглед на тоа што има и ортак.

– Работата со овците не е тешка. Потежок ми е ранецот со храна. Затоа заминувам во Хрватска. Еднаш овчар, секогаш овчар. Сите не можат да ја сфатат човековата врска со животните. Кога ќе соберам стаж за пензија од Хрватска, ќе се вратам назад .И не откажувам дури ме држат нозете и ме крепи здравјето – вели Менде.

Loading