НАШИОТ КИСЛОРОД СЕ ЧИТАТЕЛИТЕ

15 години Зенит

Не е баш време за славење, сепак е време за гордеење. Да се одржи неделник, од локален карактер 15 години, и да се печати секој петок е рамно на подвиг, особено последниве години кога печатените медиуми ги дожувааат најтешките моменти поради силните удари на интернетот. Сепак, Зенит преживеа и ќе успее да живее, барем уште педесетина години.

На 15 годишнината од првото издание на Зенит обично се прави рекапитулација. Со историјата подмишка, на грбот ја ставаме иднината. Колку да е мачен товарот да се носи весник во овие економски неизвесни времиња, најлесно е човек да крене бело знаме и да каже: “Ако беше за аир, доста беше”. Арно ама, Србите велат дека на маките се препознаваат јунаците. Остануваме верни на читателите и нивната поддршка. Ги информираме, создавајќи градска хроника која некој ќе бара да ја чита во идниот век.. Не се колебаме да се боримеза вистината колку да е горчлива. Остануваме на браникот на вистината колку да е опасен, зашто ја гаснеме “жедта” за вести, осветлуваме темнина, наѕираме во непознатото без страв и сомнеж за безбедноста, затоа што читателите се секогаш нашиот ветер во грбот, нашиот кислород кој ни дава нова сила, нова енергија и гориво да ги уриваме бариерите. Годишнините не се време за жалење и тажење, на плачки од безизлез. Тие, за нас, се мотив за совладување на пречките на патот во борбата за вистината и правдата.

Напишаваме илјадници зборови, раскажавме стотици приказни, разговараме со илјадници луѓе… Со нив се радувавме и го делевме и арното и лошото. Го бележиме пулсот на градот, одговорно, автентично, реално. Нема жива сила што ќе го урне Зенит, кога нашиот сојузник е неговото величество, читателот.

Loading