„ДОЗВОЛИ ДА ЛЕТНЕ КО’ПИЛЕ“

Изложба на Сокол Марковски

Вечерва од 19 часот, во Ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена осмата самостојна изложба на Сокол Марковски “Дозволи да летне ко’пиле 2”. Ќе бидат претставени 30 – тина делаод лани во масло на платно, масло на плексиглас и комбинирана техника и дигитален принт на хартија.

Изложбата се однесува на невидливоста на одредени категории лица, напуштените деца, (п)оставени на маргините на општеството во кое уште од најраната возраст се соочуваат со различни видови дискриминација. На маргинализираните деца се им е скратена пристапноста до социјалните, економските, политичките и културните права, поради неможност да растат и да се развиваат во сопствено семејство. Предрасудите и стереотипите, кои уште (изразено) постојат, претставуваат длабоко социјална проблематика. Овие деца се третираат како невидливи во општеството, се избегнувани како безлични ентитети со различен вид омаловажувачко етикетирање.

– Портретите се средство за најексплицитна и најдиректна форма за соочување со ликот и страдањето на Другиот, со “копилињата” кои, иронично, општествено треба да се безлични. Предимензионираноста е тенденциозна заради постигнување нивна поголема видливост, наспроти посочените наметнати невидливи позиции, при што се претставени интимните психолошки состојби. Преку црно/белата палета дополнително се алудира на дуализмите како што се темнина – светлост, позитивно – негативно, припадност – неприпадност, видливост – невидливост, појавност – внатрешност, полно – празно… Притоа, се манифестира одреден вид деконструкција на повеќеслојните ликови (поставени врз монохромна позадина) зад наталоженоста, зад маската на појавноста и визуелизација на внатрешната експресија на личностите преку минимална употреба на “не-бојата”. Страдање во ликовите е недовршена, несовршена и е суров сенишен одраз на “светот на идеите”, иако децата се разликуваат според сопствените експресивни психолошки особини. Реалните и имагинарни ликови, преку феноменот на “копилето”, говорат за позиција во општеството обременето со конформистичка колективна селективна меморија. Марковски ја продолжува тенденцијата на социјално ангажирани проекти во борбата за дестигматизација на луѓето од маргините, нивна понагласена видливост, со поттик за решавање на проблемите и конечно иницирање целосна интеграција. Изложбата поаѓа од интимна приказна со автореференцијална форма, базирана врз сопственото искуство во животот и работата и претставува настојување на авторот преку уметнички исказ (кој навлегува и во сферата на терапевтското) директно да ја посочи потребата за менување одредени општествени позиции преку влијаење врз свеста и моделите на однесување, односно Јунговите архетипови на однесување на колективното несвесно наспроти индивидуалноста на различниот Друг – се вели во образложението за изложбата.

Марковски дипломирал на ФЛУ во Скопје во 2018 година. Имал повеќе самостојни изложби во земјава и во странство.

Loading