„ЖИВОТНА САГА“ ОД ИРЕНА  АНГЕЛЕСКА

Прва збирка поезија

“Животна сага” е насловот на првата збирка поезија од поетесата Ирена Ангелеска. Првата збирка остава белег во културолошкото и пишуваното творештво во македонската современа литература и книжевност.

Поетесата вели дека секоја песна отсликува дел или момент од нејзиниот живот. И речиси секоја песна í е посветена на некоја личност која била дел од нејзиниот живот, покажувајќи колку многу и значат или и значеле.

– Песните на Ангелеска се естетски и визуелно убави, едукативни и често енигматични – вели рецензентот д-р Гордана Такец.

Стиховите го отсликуваат природниот, реалниот свет.

– Темите се одбрани со вкус и емоција на поет реалист. Доаѓа до израз нејзиниот романтичарки темперамент, давајќи белег на убавината што доминира во збирката. Книгата е поетски запис кој блика од емоции, емпатија, љубов на сериозен претставник на овремениот романтизам кој мајсторски управува со сопствените чувства со кои се напоени стиховите. Поезија главно е позитивна и оптимистички настроена кон едно изгрејсонце и соѕвездие полно со надеж. Поетското дебитирање блика од среќа, како најубав подарок што таа може некому да го подари – забележува д-р Такец за првото дело на Ангелеска.

Во збирката објавени се и стихови од татко í Борко Атанасоски, под името “Латентна љубов”.

Ангелеска пишува од рана возраст, објавувајќи стихови во повеќе списанија. Учествувала на поетски манифестации. Член е на Клубот на литературни творци.

Таму

И таму

во далечината

на нашето постоење

ја чекав

судбината

да ми го покаже патот

на нашето

секодјневие.

Loading