ДОТЕРАНИ УЧИЛИШТА

Политички престрелки за септемвриското ѕвонче

Локалните власти заедно со менаџментите на основните училишта го искористија летниот распуст да ги подобрат условите за одвивање на наставниот процес, да ги адаптираат училишните простории и со насмевка да ги дочекаат децата во новата учебната година.

Во ОУ “Кочо Рацин” променети се подовите во училниците и ходниците. Претстои реконструкција на скалите за 2,7 милиони денари. Во соработка со Министерството за образование и локалната самоуправа комплетно се уредени, опремени и адаптирани кабинетите по информатика, физика и хемија и биологија. Саниран е дел од старата електрична мрежа во училиштето на Рид за 50 000 денари.

За подобар работен амбиент за децата во ОУ “Рампо Левката” заменети се сите врати од приземјето и првиот кат за 1,2 милиони денари, средства од локалниот буџет. Изградена е и атлетската патека околу спортското игралиште, адаптиран е кабинетот по природни науки, според насоките на МОН за 94.400 денери. За 400 илјади денари, локални пари, е реновирана наставничката канцеларија со нова електрична мрежа, лед-осветлувањето, нов под, плочки, ѕидови и таванот. Училиштето ги подобри условите за спортските активности. Поставени се нови кошаркарски табли и конструкција во спортската сала. Се реновира подиумот за приредби со 30  илјади денари од општинскиот буџет.

И ОУ “Климент Охридски” ги дочекува децата со комплетно нова лабораторија по природни науки. Проектот е поддржан од Министерството за образование и од локалната самоуправа. Необично се дизајнирани и реконструрани се тоалетите со апликации од јунаците на дизниевите цртани филмови. Свој придонес дале неколку фирми.

ОУ “Добре Јованоски” стартува во ново руво, со нови нагледедни средства, нови лектирни изданија и нова библиотека. Комплетно се варосани училниците, ходниците и канцелариите. Има нов кабинет по хемија и природни науки, а училишниот двор пленува со зеленило.

Градоначалникот Борче Јовчески, пред стартот на учебната година, ги разгледа преземените зафати за попријатен престој на децат во училиштето  и истакна дека грижата за децата секогаш има приоритет.

– Со инфраструктурните уредувања во училиштата, децата имаат можност за подобро следење на наставно-образовниот процес. Тоа е важно за квалитетно образование – истакна Јовчески.

Loading