НИЗ ЛАВИРИНТИТЕ НА СЛЕПЧАНСКИОТ МАНАСТИР

Од духовната ризница

Храмот од 17 век со безценетиот фрескоживопис одолева стаменито на времето со Божја сила и промисла

Подножјето на Баба планина го гушнало селото Слепче на 30 километри од Прилеп. Името го добило по извор над селото кој го нашле слепи луѓе, кои се измиле и прогледале. На блага падина над селото, во природен амбиент и длабока убавина, пркоси Божјиот храм со вткаени милениуми од “конци” историја, добродетелен живот и тајна на православието. Околу девствена претстава на природата. Ореви, тополи, печурки. Вода блика од околните чешми. Во манастирскиот двор луѓето бараат утеха и “лек” од Петочната и Св. Неделската вода.

Манастирскиот комплекс е ограден со камени ѕидови од 1860 година. Импресионира совршената чистота, уникатноста на конаците и уреденост. Манастирот е културно-историски споменик од 17 век под заштита на Заводот  и Музеј.

Црквата Св. Никола, на “тумбе”, во дворот, изградена е 1671 до 1673 година од светештеници, монаси и 40 мирјани.

Храмот е еднокорабна градба од кршен камен поврзан со варен малтер, по техника типична за исламската скромна и неинтересна архитектура. Потсетува на голема селска куќа. Скромните средства на ктиторите диктирале каква ќе биде.  

Уникатен фрескоживопис и иконостас

Плени фрескоживописот од 17 век. Разни слики на светители – Богородица, Христос, Големи празници, Христовото страдање. Грижливо избрани и вешто распоредени по ѕидовите и сводовите на храмот. Уникатен и единствен, тесно врзан со реткиот “здив” на византиската уметност. Зачувани се 23 сцени на олтарот и во наосот од пофалната химна на Богородица – Актистот на Богородица. Христовите последни денови раскажани се преку слики на 24 сцени.

Анонимните сликари ја креирале душата на црквата. Поседувале складен црковен дар. Ликовите од фреските се без динамика. Зрачат со духовна светлина.

Деизисот и апостолите ги сликал зографот Пео од Богомила во 1665 година. До 1916 година црквата ја красел позлатен резбарен дрвен хорос (полилеј). Тоа е светилник кој обично стои насредина и е украсен со многу светилки или свеќи. Дрвениот иконостас е еднокатен, доцновизантиски, во плитка резба од 17 век. Со прекрасен орнамент од преплет во посебна резба со нагласена релјефност. Инспириран е од ренесансната уметност, особено од италијанската гравура, и е едно од подобрите резбарски остварувања во Македонија од тој век.

,,Грамадни,, камени конаци до дрвен декор

Во 1860 година дограден е трем. Тогаш нов конак ги распослал своите камени ,,коски,,. со простран чардак. При крајот на 19 век, народот изградил двокатен конак со седум простории со чардак, а во визбите биле шталите и амбарите за жито.

Манастирот бил многу богат со плодни ниви, ливади, шуми, кози, коњи, овци, волови. Имотот бил ,,запустен,, во 1903 година, а го презел селскиот поп. Пред години пламени ,,јазици,, го ,,голтнаа,, манастирот без црквата.

Денешниот лик укажува на грчевита борба за опстанок. Покривот од црквата “капе” кога врне се оштетува фрескоживописот. Едниот камен конак е цементиран и со дрвена ограда, на која свое катче нашле расцутени цвеќиња.

Домаќините мераклиски го негуваат. Исчезната е манастирската економија со овци. Папсаа вештите раце на мајсторите за вкусно сирење.

Двете клепала екнуваат за празник од чардакот.

– Се слави Варвара и Св. Никола, кога се е собираат над илјади души, верници и љубопитници – кажува свештеникот.

Во манастирското спокојство секој може да слее молитва со душа и срце и Божја енергија да го облее.

Во триесеттите години од 19 век, никнало манастирско училиште, кое одиграло голема улога во препишувачката традиција во овој крај.

Loading