СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (1)

Следните неколку недели ќе објаваме неколку написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбелжување на високите политички дострели на овој роден прилепанец на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век. во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк. Интелектуалците од Прилеп, заедно со прилепскиот бизнисмен, кој живее во Скопје, Ајдован Адемоски, инаку роднина на првоборецот, Адем Адемоски, го вклучуваат и поранешниот претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов, како научна, респектабилна и авторитетна личност во турските академски и политички кругови. Се носат со идеја за покревање на законита постапка преку институциите достојно да се одбележи значајната фигура во политиката на Турција од минатиот век. И локалната самоуправа е запознаена со иницијативата, во чии контури стои покревање на процес за изградба на спомен музеј или спомен куќа во Прилеп во соработка со турските власти и амбасадата на Турција во Македонија. Се очекува иницијативата да се оконча со сета легална процедура и Прилеп да му посвети соодветен третман на историските дострели на својот сограѓанин. Со поширока афирмација, градов да биде ставен на картата на туристичките дестинации на Турција во Македонија.

Инаку, во неколку наврати, роднини на Окјар и турски политички претставници беа во Прилеп со документи во потрага по родната куќа, која според некои се наоѓала зад објектот на Радио Прилеп. Дури и поранешниот градоначалник Марјан Ристески се афирмираше идеја дека Прилеп е должен да го овековечи славниот сограѓани Али Фети Окјар со подигнување на споменик.

Кој е Али Фети Окјар?

Пренесуваме дел од истражувањето на македонскиот историчар од турско потекло од Ресен, Салим Кадри Ќерими.

Бурниот животен пат на  Али Фети Окјар започнал во Прилеп, каде што се родил, продолжил во Битола, Солун, Софија, Скадар, Триполи, Малта, Анкара, Париз и Лондон, и завршил во Истанбул, каде што починал.

Али Фети Окјар е роден во Прилеп, на 29 април 1880 година, од мајка Фатма Хан’м и татко Јаз’џ’. Бидејќи татко му починал мошне млад, тој на осум годишна возраст се преселил во Битола кај неговиот вујко Мудерис Ибрахим Етхем Ефенди, тогашен валија на Битола. По завршувањето на основното училиште, образованието го продолжил во тогашните воени училишта во Битола. За време на школувањето во Аскери Идадиси (меѓу 1894 и 1897 година) се запознал со Мустафа Кемал  кој, исто така, се школувал во ова училиште. По завршувањето на битолската Аскери Идадиси (во 1897 година), во 1898 година образованието го продолжил на Военото училиште (Харб Окулу) во Истанбул. По завршувањето на ова училиште, во 1900 година се запишал на Воената академија (Харб Академиси), во Истанбул, каде дипломирал во 1903 година, добивајќи чин капетан.

Али Фетхи растел и се школувал во судбоносен период, кога во Румелија – Европскиот дел на Османлиската империја – се навестувале мошне важни настани. Во тој период, понапредните припадници на разните народи (Турците, Македонците, Албанците, Србите, Бугарите, Грците, Евреите и Власите), кои живееле во овој дел на империјата, задоени од идеите на водачите на Француската буржуаска револуција од 1789 година, почнале активности и движења за реформи во империјата, други пак за добивање поголеми национални и други права или за осамостојување и формирање свои национални држави. По Руско-османската војна (1877-1878 година) и потпишувањето на Берлинскиот договор (1878), Македонија останала во Османлиската империја, но со обврска за одредени реформи во неа. Ова одредба од Берлинскиот договор ги раздвижила бугарските, српските и грчките чети и комитети.

Продолжува

Loading