СИНДИКАТОТ НА УПОЗ БАРА МИНИМАЛЕЦ

Плата под законскиот минимум земаат вработените во државната управа, локалната самоуправа и правосудството. Тие се единствени кои остануваат под законската рамка. Затоа синдикатот на УПОЗ бара усогласување со законот за минимална плата. За 8 години минималната плата се зголемила за 125 отсто, а кај државната администрација за само 4 проценти.

-Бараме изедначување на платата со минималната плата без никакво зголемување. Нека помине енергетската и економската криза и пандемијата, тогаш синдикалната борба ќе ја сконцентрираме  на соодносот од 2014 година кога минималната плата беше 8.000 денари во стопанство, за минимум труд и квалификации, а минималецот во администрација беше 12.000 денари – истакна Бошко Талески, претседател на синдикатот на прилепската локална самоуправа.

Иако е потпишан колективен договор меѓу УПОЗ и Општината Прилеп за изедначување на платите на вработените кои имаат плата под минималецот, а на сите други да ми се зголеми платата за 5 отсто, сепак Советот првично прифатил, а потоа не се согласил со договорот. Поради ниските плати, локалните власти не можат да вработат лица со високо овразование.

– Потребни се архитекти, инспектори,  инженери, ИТ сектор, ама никој не сака да работи за 22.000 денари. Паѓааат огласи во локални самоуправи, поради неконкурентните плати – потенцира Трпе Дејаноски, претседател на синдикатот на УПОЗ.

-Не бараме незаконито покачување, туку само усогласување. Ја поздравуваме одлуката за покачувањето на минималната плата во стопанството, но мора да има зголемување и за членовите на УПОЗ. Во спротивно, некој ќе добие покачување, а друг ништо – вели Талески.

Според законот за административни службеници и Законот за минималната плата со порастот на минималната плата, се усогласуваат сите останати плати, а не само тие што се на минимална плата. Синдикатот не исклучува и поднесување на тужби за остварување на правата според колективниот договор. Непочитувањето на договорот претставува кривично дело и повлекува казна затвор. Синдикатот засега ќе се воздржи од тужби за да не се оштети буџетот на општина Прилеп.

Loading