НОВИОТ ГОЛГЕТЕР НА РК ПРИЛЕП ИМА 18 ГОДИНИ

Ракомет

Најмладата екипа во машката Супер лига, Прилеп, е со просек од 21 година, па во неа на секој меч есенва меѓу најистакнатите од млад се наоѓа уште помлад. На последниот меч со Радовиш, во отсуство на повредените Владимир Трајкоски, Христијан Милошески, Даниел Андоновски и Сашко Манчески, за среќа блесна 18-годишниот десен бек Хари Павлов. Со 10 постигнати гола заслужен е за убедливиот триумф од 35:28.

– Дуелот беше мошне битен затоа што бодовите подоцна се пренесуваат во плеј-аутот. Дадовме 100 насто, максимум, а клучна е брзата транзиција од одбрана во напад.  Победи нашиот колективен дух – смета Павлов.

Стручните лица во клубот даваат комплименти и поддршка за Павлов и останатите млади кои се штотуку излезени од Школата на РК Прилеп, сметајќи дека сите се одлична генерација, добар потенцијал. Павлов има искуство од настапи во Австрија, каде живеат неговите родители. За него е интересно што ракомет тренира само 2 години, а претходно бил фудбалер во ФК Перак и ФК Победа.

Следен меч за РК Прилеп е во Охрид, в среда.

Табела по 9. коло: Еурофарм Пелистер и Вардар по 24, Пролет 21, Еурофарм Пелистер 2 19, Бутел 18, Тиквеш 15, Охрид и Прилеп по 12, Металург 9, Струга 4, Радовиш 3, Скопје 0. 

Градоначалникот – дежурен лекар!

На мечот Прилеп – Радовиш дежурен лекар беше д-р Борче Јовчески, градоначалникот на Прилеп. Ова не е изненадување, бидејќи пред десетина години го го гледавме како клупски лекар на ЖРК Жито Прилеп. Зависно од градоначалничките обврски, можно е и натаму да биде на ракометните натпревари.

Деспина изненадена во Скопје

Женскиот тим Деспина, по враќањето од Шведска го одигра мечот со Шампион во Скопје, каде се очекуваше триумф. Но, домашните победија со 24:22.

Во средата беше соседското дерби Деспина – Пелистер (26:17).

Loading