ЗА КОГО БИЈАТ КАМБАНИТЕ

pismo-2

Терористите на Робертсон, односно борците за човекови права на истиот тој Робертсон, имаа грандиозна прослава со 300 гости и потрошени половина милион евра буџетски, народни пари за некаков Рамков договор. Ден на нашиот пораз. Македонскиот политички врв не одржа говор на Мечкин Камен, пред жртвите за Македонија, но тоа го направи кај џелатите на Македонците. Тоа се карактезира како беден дух.

Насилно изнуден и неприфатлив договор се потпишува паралелно со вооружените непријателства и силен меѓународен притисок. Уште еднаш се покажа дека насилството се исплаќа.

Македонските политичари кога го потпишуваа овој договор мислевме дека си ги потпишуваат своите политичко-морални смртни пресуди. Но, се потврди дека тоа биле смртни пресуди за нацијата. Рамковниот договор е пораз на идеата за Македонија како единствена татковина на македонскиот народ. Со оружје в рака не се бараат човекови права. Постои меѓународен закон за правата на малцинствата. Ништо повеќе и ништо помалку. Експеримент во политиката, значи револуција, а не еволуција.

Многу држави имаат слични вакви проблеми: Канада има проблем со Квебек, Шпанија со сепаратистички настроените Баски, Франција со Алшаните, Италија со јужните тиролци… И ниту една не потпиша рамковен договор затоа што тие имаат вистинска власт која знае да ја заштити својата држава од разбојници, уценувачи, понижувања. Државите ги следат своите национални интереси. Политичарите треба да знаат дали зад нив стои нацијата. Македонија е веќе полуфедерација, а со двојазичноста е јазична федерација.Знамето на друга држава се дозволи да биде етничко знаме. Ние не сме веќе унитарна држава.

Потомците на хероите станаа нација на плашливци и дозволија еден грст терористи и предавници заедно со соседите потполно да ја размакедончат Македонија. Не знаат и не умеат да го сочуваат она што го имаме. Сето минато, Македонија го откупи со своите страдања. Во меѓународните односи останавме без Македонија. Македонија е збирштина на малцинства без македонски народ.

Груби рече дека рамковниот договор е почеток и никогаш нема да заврши. Да. Со бајонети може да се освои власт, но не и да се седи на нив. Народот ја губи вербата дека постои решение. Македонски народе, изберете го сопствениот пат. Не оној на кој се обидува да ве турне некој друг. Одговорност мора да има. Народот ќе им суди на сите досегашни потписници на сите договори.

ПРИМ. Д-Р  Б. ДАМЕСКИ

Loading