ПОСЛУШАЈТЕ ПАТРИОТИ, ДА ВИ КАЖАМ СЛОВОТО

pismo-2

Нашиот Блаже Конески на својата 25 годишна возраст, песната ,,Тешкото,, не ја создал, туку ја ,,открил,,. Затоа таа денес е посилна и од било кога.

Некои требаше да направат сериозна држава, за некои потоа да ја избришат од корен. Каква е таа логика за македонското прашање – политичарите да ја толкуваат историјата, а историчарите да водат политика? Кога ножот дојде до коска, сфатија дека ѓубрето што го пикнале под тепих, почнало да им смрди. И се донесе резолуцијата прилично задоцнето. Ние нема што повеќе да загубиме со преспанскиот геноциден договор, оти изгубивме сé.

На 2 август во Крушево е понижена Македонија, девалвиран е Илинден 1903 и АСНОМ 1944, заборавени се жртвите за Македонија. Се случи сезонска распродажба на сé што е македонско, вклучувајќи ги и македонските симболи. Ја немаше ,,Денес над Македонија се раѓа,,. Илинденците би се срамеле од нашиот кукавичлук и би не прогласиле за предавници. А само споменот на нив обврзува одговорност и совест. Она што се случуваше во Крушево е тотално бришење на историјата. Немаат храброст да се соочат со македонскиот народ. Илинден се славеше гордо, достоинствено, со многу народ и со многу љубов.

Но, на Парадата на гордоста í беше посветено посебно внимание со масовна посетеност од властодршците.

Османи рече дека Илинден е важен ден и за Бугарија. Очигледно дека не ја познава македонската историја. Голема е разликата меѓу Илинденското Востание и Преображденското. Втори август е симбол на македонската борба за самостојна и независна држава. Архивските материјали покажуваат дека во Илинденското востание загинале околу илјада востаници. Од 1878 година Бугарија е ослободена од Турција со Руско-турската војна. Преображденските судири во Одринско биле за подобрување на социјалната положба со само педесет жртви.

Се што пишува во бугарската декларација е навредливо за нас. Повеќе од јасно е дека ова е последен обид на Бугарија за анексија на Македонија по неуспешните Балкански и двете Светски војни. Што е поентата за заедничкото празнување на 2 Август со Бугарија? Според нивната логика и пуста желба во Македонија, нема македонски народ, туку само македонски Бугари кои го кренале Илинденското востание.

Каква празнотија за 2 Август. Можеби со празнотија почнува будењето.

Колумнава е посветена на моите фамилијарни жртви за Македонија, мојот дедо по мајка – Солунскиот фронт, мојот дедо по татко – Беаскуле Солун, мојот татко – Могилата на непобедените и учеството на мојот син во 2001 година.

ПРИМ.  ДР.  Б.  ДАМЕСКИ

Loading