УМИРА СПОРТСКИОТ ДУХ

Белешка

Премногу сме преокупирани со политичките, а би рекол и полициските, односно судските настани во државава. Сакале или не, човек да отвори било кој ТВ канал, половина од вестите зазема времето за судски информации. Те Боки 13 е во домашен затвор, те Катица Јанева ќе ја затворат, те Мијалков избега, па се врати и се такви слични на овие вести. Половина од времето е посветено на меѓусебните контра соопштенија на СДСМ и ВМРО и ако има време, пред временската прогноза ќе се каже некој збор за спортот.

Во екот на Олимпијадата во Токио, можеби ќе треба да се посвети повеќе време за спортските настани. И за помалите градови, доколку има воопшто спорт и доколку има спортски екипи и натпреварувања. Мина времето кога Прилеп беше ептен спортски град, кога на фудбалските натпревари се броеја по петнаесетина и повеќе илјади гледачи. Кога  тогашната Победа се натпреваруваше во Втора лига во ЈУ фудбалската  федерација. Се памтат уште мечевите на прилепскиот лигаш кој негуваше амбиции за југословенската прва лига. Некој ќе рече, пак се враќаш на минатото. Ами, нели се запнавме да правиме стадион според сите ФИФА стандарди. Нели се трошеа толку и толку пари за ,,купување,, на фудбалери, од кои не екипи. И, се остана на тоа!

Не е носталгија, но секако би требало да потсетиме дека покрај тогашната екипа на Победа, Прилеп имаше и други помали фудбалски екипи. Такаречи секое маало имаше екипа за натпревар во понизок ранг, било општински, регионални или државни. Да не се заборави, секое село имаше своја фудбалска екипа. Тоа беше живот за фудбалот. Секоја недела беше празник на фудбалот не само за љубителите на спортот во Прилеп, ами и во селата. Немаше тревни фудбалски игралишта. Имаше нерамни и калливи спортски терени, направени од оние кои сакаа децата да им спортуваат, односно љубители за  фудбалот. Самоделски беа и стативите. Се наоѓаа средства за некакви домаправени мрежи. Сé беше посветено на спортот воопшто.

Имавме неколку ракометни екипи. Играа во повисоко рангираните лиги. Одбојкарски клубови имаше секоја фабрика и претпријатие. Подоцна имаше и кошаркарски натпревари, велосипедски трки, карате екипи и натпревари, пинг-понг екипи и натпревари во салата во ДТВ Партизан, Соколаната. Се изградија салитево Тутунскиот комбинат и салата Македонија. Па се запали, којзнае како, па ќе се градеше и се изгради повторно, но сето тоа џабе!!!

Зошто за џабе!?

Сé е за џабе кога сега има фискултурни сали во секое училиште, кога се сметаме за побогати финансиски и кога може да се појде на било кој спортски натпревар, а нема доволно екипи, натпреварувачи и исчезнува спортскиот дух. Сé е замрено, заборавено. Тек-тук се јавуваат поединци со завидни и признати резултати од нивниот фах-спорт. Тоа е сé. Постоеше и Сојуз на  организациите за физичка култура- СОФК-а. Сето тоа е минато, други времиња, Сега има други љубители на ,,модерни спортови,, а нема време и пари за спортот во градот воопшто!!?

К.Р.

Loading