ОКО И ОСЕТ ЗА УБАВИНА КАЈ УКРАСНИТЕ ПТИЦИ

Звонко Мирчески (50), одгледувач на украсни птици

zvonko 1

Доказ дека прилепчанецот Ѕвонко Мирчески (50) е страстен љубител на украсните птици е тоа што тонот на ѕвонење на мобилниот телефон е пеење на трнанчиња. И тоа не било кој ринг тон, сметнат од интернет, туку напротив оригинална снимка од ,,песната,, пердувестите животни кои ги одгледува. Цвркотот, мелодијата која само тие може да ја произведат на Мирчески му е најубавата музичка харманонија која го гали и разбудува секое утро, затоа што дворот му е преполн со кафези во кои, покрај трнанчина, се шетаат и скапи сорти на гулаби. Ги одгледува од мерак и љубов и како ,,краста,, која ја наследил од семејната лоза. Некои и ги продава.       

-Барани се. Ова е хоби. Ги чувам да нé развеселуваат и да им се воодушевувам на убавината. Мерак ми е да цврчорат цел ден. Некој чува куче, некој маче. Ако немаш мерак, не може и бизнис да тераш. Ги бараат луѓе кои имаат желба по песнопојните птици. Сакаат, на пример да имаат едно трнанче дома. Не се чува на тераса. Оти навечер може утка, едно друго да го земе – објаснува Звонко Мирчески (50), одгледувачот на украсни птици

Gulabi 1

За да научат да пеат убаво или за ,,распејување,, им пушта музика. Ауди и видео снимки им испраќа на интернет на потенцијалните купувачи.

-За распејување им пуштаме цедиња. Составуваш од други, од едно, двем три врапчиња. Се одбираат поубавите работи. На младото пиле, тоа што му пушташ, тоа ќе научи. Не значи дека сé ќе го научи. Исто како учениците на училиште. Има 30 деца, сите не учат. Од 20 – 30 талент имаат две – три. Така и птиците. Учат само младите врапчиња. Тоа што му ,,фаќа,, акалот, ќе го сетиш уште во пропевувањето, дури е младо и оди напред. Ќе вложиш во него. Ќе ги тргнеш другите или ќе ги испуштиш. Ќе ги вратиш во природа – вели Мирчески.

Има седум врвни трнани и 15 млади. Цената движи од 150-200 евра.  Има интерес за нив, особено од Србија. Доаѓаат и ги земаат.  Има и два чифта млади бастери кои се маркирани со алки. Ако изведе нешто фазла, продава. Вкупно одгледува 60 клунови во дворот. 

Gulabi 2

– В поле нема бастер. Тие се ведат дома од трнан и од буљбуљ. Диво и питомо. Да се изведе младо бастерче потребно е да се вложи многу труд. Само машките, женските не се продаваат, тие не се плодни. Секој кој сака  купи едно бастерче, младо машко, е од 1000 до 1200 денари. Храна, ова она, и што ќе остане за тебе. За јадење ќе потрошиш половина од тоа што ќе го извадиш – објаснува Мирчески.

Тој одгледува 40 гулаби, мавлии и алаџи кои се едни од најскапите. Ги чува строго во мрежа. Не се за летање како другите гулаби. Имаат крила, но ако избегаат никој нема да го врати. Се движат од 50, 100, 200, 300 евра. Убавината на гулабите била во бојата на очите, клуновите. Алаџите се бели, со црни опашки. Мавлиите се  сини, со плави опашки.

-Убавината е гулабот да има добра боја. Ама не ја разбира секој. Да се рече дека еден гулаб е убав има многу параметри кои само одгледувачите ги знаат и ги разликуваат финесите. Белко – кафенкав клун, подебел, потанок, подолг, покус… Тоа не се опишува, туку треба да го чувствуваш, каков треба да биде гулабот. Го учиш тоа со години. Треба да има глава, срце и опашка. Убави очи, да бидат бели, а не розеви или црни… Има многу работи – вели Мирчески.

trnance

Храна им дава секој ден. Најмногу пченица, царевка, сончоглед малку, просо, маслена репка, граор, сирак… Тоа го купува и троши дневно околу 1- 1,2 евро. Секако чиста вода за пиење.

– Чистење на кутлукот мора да се врши секој ден. Ако нема хигиена се јавуваат болести. Превентивно задолжително ги третирам со прашак од Грција, Салмонела микс, петтовалентен. Му давам совреме, иако не е болен гулабот. Кога ќе се поболи, веќе е завршена работа. Нема поправање. Го препознавам болниот гулаб. Постуткан е, дреми, омалаксан… Муу се јавува едно пердувче на челото, ќе му свисне, не е мазен и одма се сеќава. Му се прават на крилјата и нозете, бапки. Нема спас, ако ги фати болест. Нема ветеринари за птици. Птиците бараат и внимание.

– Не треба дресура за гулабите. Сабајле се хранат прво младите ако има, трипати по малку. Наутро, одручек и навечер му фрлам храна. Каснуваат  и ќе се напијат вода – вели Мирчески.

Во новата куќа направил два кутлуци со димензии 8,4х3 м. Непријатели на птиците се мачките, кунатка, ласица.

– Ако не се заштитени, а кутлуктот не е убаво направен, ќе влези и ќе ги издави сите. И што си направил. Инвестицијата за кутлуците е 6 илјади евра, со плоча, небаре соби – вели Мирчески.

Со гулабите е од дете, откако знае за себе. Татко му бил гулабар, Иван Рифако. И дедо му Божидар имал гулаби. Меракот за гулабите не излегува лесно од крвта. Брат му на пример не сака да ги види. Уште од деца.

– На едни од Шведска му продавам гулаби и тој се чуди како 100 евра е еден гулаб и ми вели, дај нека дадат гајба пиво и сите да им ги дадеш – вели Мирчески.

Нема наследник. Ќерката е на студии. Сопругата негодува, не заради миризбата, туку заради штетниците. Фазла е меракот од ќарот.

– Не сум на зијан, ама немам ни ќар – вели тој.

Gulabi 8

Годишно еднаш редовно сам ги вакцинира. Како луѓето се штитат од болести. Љубовта и грижата за украсните птици одат рака под рака, а ќарот не е важен. 

НАШЕТО ПОДНЕБЈЕ ИМА НАЈУБАВИ ТРНАНЧИЊА

Звонко Мирчески го знаат прилепчани и како продавач на овошје и зеленчук во пазарот. Тезгата му е бизнис. Со одгледувањето на врапчињата и гулабите не се прави профит. Тоа му е хоби.

-Во другите држави одгледувањето на украсни птици е бизнис, како во Србија, Грција, Шпанија, Израел… Птиците таму се третираат поинаку, има здруженија. Одгледувачите на птици во Прилеп слабо соработуваат. Не сакаат да има подбри, ривалство, и затоа се крадат. Иако се забранети за ловење, секаде во светот се дозволува обнова, да се ведат дома, за да бидат  алкирани, со датум, година. Не можеме да се токмиме со другите држави. Ако трнанчето е кај нас сто евра, таму е илјада евра. Нашето поднебје има најубави трнани. И сите сакаат да земат од овде. Има наши птици кои стасале таму. Иако не се преселни птици, сепак се движат. Оние кои овде идат, се од Русија. Ги викаме ,,дошлаци,,. Нашите бегат во потоплите краеви, во Грција и Албанија. Напролет се враќаат на истото место. Прилепско и битолско се реони со многу убави птици. Ги фаќаат со лепило, со мрежи, со капаним мамки. Казните се над 3 илјади евра, Се одговара и кривично. Меѓу одгледувачите има многу завист и обиди за пакост – смета Мирчески.

ОЛАБАВУВАЊЕ НА ЗАБРАНАТА

– Трнанчината се забранети зае фаќање. Апелирам до надлежните да дозволат, од 20 август до 20 септември, откако ќе ,,доведат,, да има дозвола, и да нема забрана за лов. Секој сака да фати некое омладо трнанче, да си остави за подмладок и за ведење. Да остани забраната з лов на старите. За секој дивеч има дозволен период за лов. А за трнанчината е забрането 7 – 8 години. Доколку ловочуварите забележат некој со стари трнанчиња, да го казнуваат, но за младите птици да не постојат казни – оценува Мирчески.

Loading