ПРОДАВНИЦИ ЗА ПАРИ!

Белешка

Едно-две, се слуша меѓу луѓето и тоа во обичните разговори, а не политички или било какви други – ,,Државата не чини!!,,.

Како бе, не чини. Што сака овој народ. Ете, оваа држава, ваква каква што е, како и многу други во светот, им овозможила на своите граѓани да си земат пари од банкомат за десетина минути или уште за помалку време. За тоа не треба ништо! Сликај ја, скенирај ја личната карта, преку твојот смарт (паметен) телефон, аплицирај преку него до било кое финансиско друштво (ги има многу) или  било која банка (и нив ги има премногу) и барај пари од  банкомат. Готово! Вистински банкноти, важечки излегуваат од машината. Таа брои и не треба проверување. И бркај работа!!

На ТВ, (на сите канали) нема да нема реклама за финансиско друштво или било која банка што не нуди пари, таканаречени брзи кредити. Се нудат пари на дланка. Без многу чекање, без многу документи, без проверки, а што е важно и без некој да гарантира дека ќе се вратат парите, демек, без жиранти. Не е како некогаш. Сега сé е модерно – он лајн!!

Во што е сега проблемот?! Зошто ја мешаме државата, во која сé е регулирано. За сé имаме регулаторни комисии, надзорни, управни, кредитни и какви уште не одбори.

Ама никој не го тера народот да зема такви кредити. А, зошто зема? Од ќеф? Сигурно не. Гледа дека не се потребни којзнае какви документи, гледа дека не се обврзува со нешто сериозно и си мисли сега му е мајката и дека нема да ги враќа парите. Кој ќе ги враќа?

Кога е сиромаштија, се знае, најмногу има обложувалници, казина, а сега и многу кредитодавачи. И, тоа он лајн. Тие, финансиските друштва или банки (сите се исти) што нудат брзи кредити, брзо ги банкротираат фирмите. И граѓаните остануваат без било каков имот. Ги бркаат дури и од становите. Многу брзо, ако не се враќаат парите навреме, се вклучуваат со извршителите или стечајните управители. На крајот медот го собираат тие, извршителите или стечајните управители.

Ама кој се тие? Тие се Тие. Некој ги знае газдите на обложувалниците, на финансиските друштва, на брзокредитодавачите, чии се банките. Не мора секој да ги знае. Важно е да имате паметен телефон, а и да немате, може преку некој друг што има. Се скенира личниот документ, се пишува трансакционата сметка и нацртај се пред машината за пари. Да! Пред машината за пари. Не мора да се јавувате во ,,продавницата за пари,,. Е, какви не имиња имаат канцелариите на финансиските друштва. Ете ги гледате на ТВ екраните преку рекламите. Не велат дојдете и земете со сила. Повикуваат доколку ви се потребни пари (а има ли некој на кого не му требаат пари?). Не е сега како порано. Да се земе кредит од банките  некогаш требаше да се земат формулари, да се потполнат, да се најдат двајца жиранти, да се потпишат тие дека гарантитраат, дека ќе го враќаш  кредитот, ако не тие ќе го вратат, да се заверат каде што работат тие, да има и од нивната фирма, претпријатие печат, да се купат меници и да се потпишат од сите во случајов кредитобарачи, па после да се одобри кредитот. Се знаеше колкава ќе биде каматата. Сега, само оние што се дадени на суд за не враќање на брзоземените пари, знаат колкава  камата треба да плата или се знае на улица. Овие кредити не застаруваат никогаш. Кредитодавачите се ловци – чекачи. Чекаат, додека тој што ги зел парите, не наследи некој имот или не се врати да му ја блокираат сметката или да му го одземат имотот, независно дали е печален од дедо му, татко му или било кој. Ја знаете онаа со момчето и Евреинот. Момчето ја продавало куќата и му ја понудило на Евреинот. А, тој прашал кој ја печалеше, Ти, или татко ти? Ако си ја печалел ти не ти ја купувам, ако ја правел татко ти, дојди ќе се пазариме!!

Еве една вистинска приказна. Пријател сакаше да земе кредит од банка пред 20 и кусур години. Дојде да му бидам жирант. Јас, досега во животот, освен студентски кредит што имам земено додека студирав и кога се вработив до денар го вратив, други кредити немам земено. И сум му бил жирант на никого. Сите на прва ги откачувам. Ама пријателов, отишол кај друг наш заеднички пријател. Тој, без збор му станал жирант. И кога требало да се плаќаат ратите на банката, пријателов не плаќал. Банката го фатила  за гуша (за сметка) првиот жирант. И, овој реагирал кај тој што брзо му се потпишал да му биде жирант. Овој му рекол. ,,Нема, ако сакаш душава да ти ја дадам,,.

Ми ја кажа оваа вистинска приказна човекот што брзо станал жирант. А, овој пријател, што сакаше да му бидам жирент, дојде кај мене и ми се поплачи дека пријателот заеднички барал пари. Ми рече – ,,Зар нема пари,  дојде до моите пари да ги бара. Имав мака и побарав, а тој што мака имаше што ми се потпиша за жирант,,!?

 К.Р.

Loading