БЛАГОРОДНО, НЕ „ПЛЕМЕНИТО“

ivce1Долго време има препирки околу тоа како треба да се гласа на изборите. Се предлага тоа да биде со отпечаток на прстот. Имало можност за тоа или немало можност! Расправии, недоразбирања! Да ги оставиме политичарите. Тие ќе се испокараат и белки ќе најдат решение. Ни го привлече вниманието зборот ,,отпечаток,,. Всушност, и никој не вели така. Сите, или најмногу од луѓето, го употребуваат српскиот збор ,,отисок,,. Користењето, или некакво помакедончување на српските зборови не е само редовна појава, не е само вообичаена појава, тоа е повеќе од загрижувачка појава. Тоа е појава која треба сите да не загрижи, а најмногу оние кои се најодговорни и најкомпетентни за тоа. Таков е случајот и со односниов збор – ,,отисок,,. Но, замислете! Нашиве новинари, коментатори, политичари, сите тие се многу внимателни! Нели јазикот не го даваме? Тие го знаат тоа и затоа српскиот збор ОТИСАК го помакедончуваат и го викаат ОТИСОК. И тоа го слушаме редовно, од сите наши телевизии. Каде се лекторите? Што прават тие? Има ли некој кој е одговорен за овој јазичен хаос? Во ниту еден речник нема да го најдете зборот ,,отисок,,. Да! Јазичен хаос владее кај нас. Кај нас – гордите Македонци кои зборуваат македонски јазик. Нели така велат нашите врвни политичари!

Фудбалската репрезентација на Македонија направи подвиг. Ја победи германската репрезентација на нејзин терен. Навистина, подвиг за почит. Се слушаа разни разговори, коментари, дека ете, токму тука се манифестирала меѓусебна сплотеност, заедништво, нешто што ни недостасува во секојдневниот живот. На оваа тема новинарот зборува со познат универзитетски професор. Професорот вели дека фудбалот е ,,племенита,, работа. ПЛЕМЕНИТА! Професоре! Вие ако не го знаете тоа, кој треба да го знае? Вие сте веќе пензиониран професор! Зар никогаш досега не сте го сретнале зборот ,,благороден,,? Зар се уште не сте дошле до сознанието дека во македонскиот јазик именката гласи ,,благородство, а не ,,племство,,. Па оттука ќе сте дојделе и до тоа, да разберете дека фудбалот е БЛАГОРОДНА игра, а не ПЛЕМЕНИТА. Нели и од историјата знаеме дека благородниците се припадници на висок аристократски род. Да не ги објаснуваме значењата на сите зборови со таков корен – благородник, благородство, благородно и така натаму. Во српскиот јазик благородноста е племенитост. Благородникот е племич и така натаму. А зошто вие професоре сте го одбрале тој вокабулар? Вашите размислувања и коментари сме имале можност да ги слушаме и во други пригоди со особено внимание. За жал, овој пат вниманието ни се задржа на зборот ,,племенита,,. А тоа ни заприлега на јазична негрижа од ваша страна.

За личната заменка ,,јас,, сме пишувале повеќепати. Ретко ќе чуеме некој да ја изговори како што треба. Сите велат – ,,ја,,. И еве, во ист ден слушнавме од двајца луѓе да велат – ,,јас,,. А кои се тие? Првиот – Оливер Бранковиќ, дописник на МТВ од Белград. Се јавува човекот од Белград и зборува подобро македонски од сите наши новинари. Повеќепати ја употреби заменката ,,јас,,.

Вториот случај беше со извесен новинар од Софија. Почнавме да слушаме откако беше почнат разговорот меѓу наш новинар (од Сител) и негов колега од Софија. Не успеавме да научиме како се вика бугарскиот новинар. Не успеавме, исто така, да разбереме дали е дописник на некоја наша телевизија. А зборуваше одлично на македонски јазик. Одвреме-навреме ќе не штрекнеше нешто кога ќе чуевме од нашиот македонски новинар да употреби некој србизам, а неговиот бугарски колега зборува одлично на македонски. Заменката ,јас,, исто како Оливер Бранковиќ ја употреби многупати.

Не знаевме во тие моменти како да го дефинираме своето чувство. Дали преовладуваше радост за тоа што слушаме убав македонски јазик од немакедонци или се чувствувавме посрамено, потиштено, што редовно слушаме од нашиве новинари лош македонски јазик!                                             

Loading