МИСТЕРИОЗНО ЦАРСКО СВЕТИЛИШТЕ

Слеченскиот манастир Свети Јован Претеча

-Духовен центар и редовно престојувалиште на Никола Карев и Јордан Пиперката

slepce manastir

Селото Слепче се наоѓа во близина на Демир Хисар. Од Прилеп е оддалечено 40 км. асфалт. Опкружено е со дабова шума, недопрена природа и бистра вода. Пријатната клима и чистиот воздух се одмор од градскиот метеж. Тука е манастирот Свети Јован Претеча кој неодамна одбележа милениумско постоење. Се смета за едно од најстарите македонски духовни светилишта.

Пишаните податоци датираат од 1393/1394 г. Последниот зачуван фрескоживопис по опустошувањето е од 19 век. По легендата, манастирот го подигнал царот Самуил во 1010 година по трагичната битка на Беласица. Дел од ослепената самуилова војска, на пат за Охрид, минала низ демирхисарско. Една група, по наредба на самуиловата ќерка Косара, се населиле во манастирскиот атар. Затоа манастирот бил наречен слепченски, а ридот над него го нарекле Самуилов. Манастирот располагал соимот дури во Албанија, кој бил подарок од самуиловата ќерка.

Во манастирот се спасени книгите и тапиите во 1945 година кои требало да горат во голем оган во дворот. Некои селани скришно сочувале дел од документацијата пред налетот на новата власт при расчистувањето со религијата и национализацијата на манастирските имоти до Елбасан во Албанија. Како аманет, години подоцна наследниците требало да ги вратат спасените тапии на светото место населено со калуѓери. Монасите го заживеале запустениот манастир. Тајната била сочувана повеќе од половина век. Потомците на неколку фамилии од Слепче, чии имиња се држат во тајност, го исполниле аманетот.

slepce 3

Со голем труд монасите направиле духовно и економско чудо. Бројните документи сведочат за богатата книжевно просветителска дејност од 11 и 12 век. Се препишувале и преведувале богослужбени книги.

Поради негрижа, манастирот доживеал неколку пожари и пустошења. Значително се оштетени иконостасот и фрескоживописот, украден или исчезнат е дел од оригиналниот библиотечен фонд, а манастирската црква била целосно малтерисана. Зачувани се артефакти, меѓу кои големиот златен крст, влезната дрвена олтарна врата и познатата и ретка икона со чудотворна моќ, Одигитрија (Патеводилка). Манастир често бил ограбуван, пален и уништуван од Арнаутите и од Турците, кои ги убиле сите монаси. Видливи се штетите од пожарот во 1970 г. кога настрадал дел од олтарот. Малку е останато од автентичниот фрескоживопис и од познатата плитка слепченска резба, која е поделикатна отколку длабоката резба. Стои плитка резба и реплика од иконата Св. Богородица Патеводителка, која се смета за една од највредните. Вредна е иако е ликовно посиромашна. Автентичните вредности одамна не се во манастирот. Старите двери се во Софија и во Белград, а вредните икони во Скопје.

Обновен е монашкиот живот и преведувачката дејност. Монасите работат икони во автентичен стил. Славата на некогашниот книжевен и преведувачки центар во Слепче, чии ракописи со манастирскиот печат и денес се чуваат во лаврите во Русија, полека се враќаат со 21 издадена книга и 170 акатисти подготвени заедно со сестринството од соседниот манастир во Журче.

Манастирската економија преку обработка на блиските парцели ја одржуваат монасите. Одгледуваат добиток. Произведуваат сирење, месо и изварка. Негуваат пчелни семејства. Има и регистрирани легла за Шарпланинци. Монахињите плетат, везат, шијат и прават џем и мармалад од непрскани јаболка и од други овошни плодови. Намерниците купуваат од домашната продукција..

Не се дозволени славења и пикникници со скара и гласна музика. Секој е добредојден со почитување на куќниот ред.

slepce manastir 2

Конакот на Косара

Ќерката на царот Самуил, Косара, била мошне побожната. Била голем донатор во 11 век. Таа дала пари за градба на трикатниот конак. Кога самуиловата војска се повлекувала кон Преспа преку Богомила, се задржала во двете села со исто име Слепче во прилепско и во демирхисарско.

Тајните ходници кријат историја

Во манастирот престојувале Никола Карев и Јордан Пиперката. Таму му било пресудено на кодошот од Прибилци, кој ја предал четата со 17 комити. Имало и леарница за оружје. Тајните тунели, тесните вртени скали, ходниците и собите се кријат во старото запалено здание. Мистериозните простории ги пронашле монасите при расчистувањето на фурната. Внатре е влезот во скривницата, а во визбата имало и таен излез преку кој безбедно можело да се излезе во блиската шума.

Loading