КОРАПСКИОТ ВОДОПАД – НАЈВИСОКИОТ ВОДОПАД

1280px-Корабски водопад 1.2

Корапскиот водопад или Пројфелски водопад е во горниот тек на Длабока Река на планината Кораб. Масивоте богат со потоци и реки кои се својствени со брзи текови кои неизменично поминуваат низ кањони и долини. Со своите 130 метри, Корапскиот водопад на оваа река е највисок на Балканот. Се јавува во пролетните месеци од топењето на снегот на источната страна на врвот Мал Кораб (под Мала корабска врата). Глетката е фасцинантна доколку се наоѓате на некој од околните ридови. Во зависност од сезоната и водостојот на изворот, водопадот варира во висина и интензитет. Бројките варираат меѓу 70 до 138 метри. Точната висина на водопадот може да зависи и од различните точки кои се земени при различни мерења. Горната точка на Корапски водопад се наоѓа на надморска височина од околу 2.050 м, а долната е на надморска висина од околу 1.950 м.

Корапскиот водопад се појавува со топењето на снегот на пролет. Најголем интензитет има кон крајот на мај и почеток на јуни, а понатаму во текот на летото, губи од својата јачина. Крајот на летото и почетокот на есента, водата само се лизга по карпите, а во сушни години комплетно пресушува. Најдобриот пристап до Корапскиот водопад е преку долината на Длабока Река. Може да се пристапи од левата страна на реката преку селата Нистрово и Жужње, или од десната страна преку Бибање, покрај врвот Кабаш.

korapski-vodopad-korab-planinski-biser

За незаборавно доживување препорачливо е да се посетува во месеците мај, јуни. Планинарската акција е еднодневна тура во природа, патеката е маркирана,70% во шума и 30% по пасишта, но со панорама која ќе ве маѓепса. Дополнителна убавина имаат и глацијалните езера. Кораб е украсен со осум постојани езера а најголем од нив е Корабското езеро, кој се наоѓа на 2.470 метри надморска височина и претставува најголем планински бисер во Македонија. На планината Кораб има 52 врва што се издигаат од над 2.000 метри.

Формиран од истекување на ледникот

Во Македонија попознати се водопадите: Смоларски, Колешински, Пехчевски, Дуфски, Беловишки, Бабунски, Самовилски, Ѓаволски… Но највисок е Корапскиот Водопад. Се јавува на вертикална карпа која е продолжение на стрмната источна страна на врвот Мал Кораб. Формиран е како последица на истекувањето на огромниот ледник кој го продлабочил горното корито на Длабока Река, пресекувајќи ја карпата на неговиот пат. Зимно време е комплетно замрзнат.

Loading