ПРАЗНО СТРАДАЊЕ

pismo-2

На кого Светиот Апостол Павле им ги упатил овие зборови: ,,О, не разумни! Кој ве маѓепса? Дали толку многу страдавте напразно? Никакво искушение не ви стига, освен човечкото,,.

 Ова пред 2000 години им го кажал Апостолот Павле на Македонците. Дали нешто се промени? Само се намножија натрапничките трубадури на злото.

Панко Брашнаров, на свеченото отворање на АСНОМ, во манастирот Св. Прохор Пчињски (кој Лазар Колишевски им го подари на Србија) рече: ,,Никакви води не можат да го измијат многувековниот отрпен срам и понижување на македонскиот народ. Денес водите пресушуваат, но останува срамот и понижувањето. Кој ќе ја сноси одговорност за поигрувањето со националното достоинство и понижувањето,,?

Ние го примивме ропството како начин и филозофија на животот. Научивме да молчиме, да се покоруваме, да внимаваме каде, што и со кого зборуваме. Повикот на татковината стана непознато чувство, совладани од јаничарски синдром посрамени, со ограбено сознание, со одење со наведнато чело и зборување со поглед.

Многу држави нема да го дочекаат крајот на 21 век. Тука сме и ние. Намален е имунитетот за одбрана. Со голема брзина брише Македонија. Потребни се политички освестени битија. Ако сите го премолчуваме злото, ќе му дадеме поголема сила. Ние сме типичен пример во светот како се крши р’бет на еден народ и на една држава. Кој ги овластил, кој им го дал тоа право, каде го има тоа во светот. За идентитетски и историски прашања не се разговара, но само се одговара. Посебно за нашата раскошна историја и македонски јазик. Блазе си им на оние кои тоа не го знаат. Полесно ќе ја преболат Македонија. Политичарите треба да сфатат дека не можат и не смеат да прават што сакаат во државава. За да извлечат поука, народот треба да им го сврте грбот. Кога ја губиш државата, сé друго е безначајно и не вреди да се спомнува (НАТО, ЕУ). Да се откажеш од она што една држава ја чини држава е лудост за она што треба да се добие. Прифаќаме нешто што не може да се оправда. А каде ќе ги сместиме реките пролеана крв за Македонија?

Во нашиот парламент не решаваат човечки суштества. Решаваат политички бројки. Тоа не се вика прогресивност, тоа е апокалипса.

Сепак, македонскиот човек го има чувството на нормален човек: не го чувствува мирисот на темјанушки таму каде што го нема.

ПРИМ.ДР. Б. ДАМЕСКИ

Loading