Историја
Бразилскиот фудбалски гигант, Јувентус од Сао Паоло, гостуваше во Прилеп во чест на завршувањето на играчката кариера на Цане Конески. Тој за Победа играше 14 години на повеќе позиции – халф, крило, полутка, центарфор и бек. На разделбата со својот клуб, на 20 јуни 1972 година, имаше само 29 години.
-Рано се простив, оти, иако играв одлично лев бек, не ми се допаѓаше тоа место. Сакав како некогаш, каде што е топката – таму да бидам. Понатаму положив за тренер и судија. Се посветив само на судењето. Стигнав до сојузен ранг, Втора југословенска лига – потсетува Конески.
На прошталниот меч Конески ги одигра првите 20минути за Победа, тогаш југословенски второлигаш. На неговото место влезе Јосиф Сребров, ѕвезда на прволигашот Вардар. Меѓу 8000 гледачи беа и високи функционери – Живко Магдески, претседател на Општинското собрание и Милорад Думбалоски, потпретседател.
– Магдески ми подари букет цвеќиња. Сограчите ми дадоа проектор за филмови. Од клубот добив магнетофон. При излегувањето од теренот, ми пријде големата ѕвезда Драгослав Шекуларац, организатор на мечот, и ми рече дека сум можел уште да играм – вели за незаборавните моменти, Конески.
Мечот го добија Бразилците со 3:1, а за Победа настапија: Истатов, Мечев, Конески (Сребров), Дрвошанов, М. Николоски, Арсов (Балевски), Митрев (Ѓ. Николоски), Магдески, Глигороски, Шекуларац, Ж. Ѓорѓиоски.