ОВАА СЕВЕРНА ЗА МЕНЕ Е ТУЃА

pismo-2

Не сакам никој да ме лаже, да ме понижува, да ми менува име, идентитет, да се руши достоинство. Затоа реагирам јасно, јавно и отворено. Каква е таа држава која не ги почитува своите херои и се кадросува со знамето на нивните џелати кои Робертсон ги нарече терористи. За нас, тоа знаме било и ќе остане терористичко. Нејзиниот одговор е дека тоа било минато. Никогаш нема да биде минато за фамилиите кои ги изгубија своите најблиски и за фамилиите кои стравувавме кога нашите деца крвареа на фронтот. Политичар кој вистински си ја сака својата држава, ако носи солидна глава на рамена, побрзо би се откажал од политиката и функциите, не прифајќајќи никакви условувања на штета на својата држава и својот народ. Послушноста може да се смета како доказ за вина. Српскиот претседател Вучич рече: ,,Да, ние сме за ЕУ, но не прифаќаме никакви уцени. Не сме ние Македонија,,.

,,Бескомпромисно,, поданичката дипломатија го ,,одбрани,, македонскиот идентитет. Избриша една нација која со векови се борела за својот идентитет, историја, култура, образование. Но, што и да прават, не можат да ни земат нешто што е наше. Дури и ако ни го земат, никогаш нема да биде нивно. Ниту народот, ниту јазикот. Непотребно создаваат непријатели.

Германскиот канцалар Герхард Шредер во својот говор од 1999 година рече: ,,Во ЕУ сакаме да ги сочуваме сите идентитети и да ги вклучиме во заедничкиот европски идентитет,,. Денес тоа само за Македонија не важи. Одењето и тропањето на врата со стуткана капа не е европски манир, туку ропска понизност.

Лејла Зана и група курдски интелектуалци пратеници во турскиот парламент, колеги на Али Ахмети, издржуваат затвотска казна од по 15 години само затоа што дале пратеничка заклетва на куртски јазик. Така се штити сопствената држава, така се штити сопствениот јазик.

Во ек на пандемијава со корона вирусот се однесуваат како да паднале од друга планета, па немаат абер дека короната коси. Тажно е што премногу често добро здравје им е важно само на оние што го изгубиле. Доминацијата на политиката во сите свери на општественото живеење носи само лузни кои долго време ќе ги лекуваме.

Некаде во седумдесетите години на минатиот век во Југославија се појави епидемија на вариола вера. Еве што направи Тито. На познатиот вирусолог Д-р Ана Глишиќ í даде одврзани раце, војска, полиција, цивилна заштита и неограничени финансиски средства за да се справи со вирусот. И д-р Ана успешно се справи. Така тоа треба да биде. Да се почитува стручноста, а не политиката да се меша каде не í е местото. Д-р Ана е права госпоѓа, врвен интелектуалец. Неа не ја интересираат тендери, грабежи, поткупи и примитивните лични интереси. Сето тоа за неа е премногу ниско, приземно и очајно примитивно. Тоа им личи само на малите човечиња кои можат да служат само за потсмев.

Чувството на задоволство или незадоволство се главни критериуми според кои човек го разликува доброто од злото.

Наша должност е постојано да ги потсетуваме дека сé што е наметнато со сила, сé што не чесно, коректно, нормално, нема шанси за успех. Ќе остане само текст на хартија. Македонците ќе го имаат последниот збор, ќе бидат гневни за измамата и тоа нема да го простат.

Прим Д-р. Благоја ДАМЕСКИ

Loading