НЕДОСТОЈНИ НИТУ ЗА КРИТИКА

pismo-2

Македонец не се создава. Тој се раѓа, така било и така ќе биде. Изјавата што ја даде Претседателот Стево Пендаровски се совпаѓа со сите мои објавени повеќе од 200 колумни. Еве што дословно изјави Пендаровски: ,,Ако цената е да не бидеме Македонци и јазикот што го зборуваме да не биде македонски јазик, тогаш не ни треба Европска унија,,.

У ште едно слично размислување. Драги Георгиевски, Претседател на македонскиот тим на експерти во заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања вели: ,,Ако македонскиот јазик е услов, тогаш преговорите со Европската унија не мора да почнат,,.

Изјавите даваат надеж дека сме зрела нација и дека нема цена и разговор за основните национални интереси. Соседите не би правеле ваков притисок ако знаат дека ќе добијат ваков сериозен одговор.

Бугарија бара да се откажеме од македонскиот јазик, македонското малцинство и дел од историјата. Зарем толку нé прават недоветни и ќе ја купиме необврзувачката изјава на Бугарија. Каква навреда на здравиот разум. Тука е и џокерот, пробниот балон. Се вика Денко Малевски. Тој се изјасни против осамостувањето на Македонија со зборовите: ,,Македонија може да биде самостојна, но без мене,,. Замислете – без него – каква трагедија. И стана министер за надворешни работи на омразената самостојна Македонија. Во интервју за бугарски медиум Малевски изјави дека Македонците и Бугарите биле еден народ, Илинденското востание било обичен бунт на бугарското население, Гоце Делчев и Крсте Мисирков биле Бугари и тн. Какво тотално непознавање на историјата. Да потсетиме. Малевски е платен надворешен советник на Пендаровски за прашањата од надворешната политика.

Еве го и некојси чалгаџија Ориѓански. Се одзива наЗлатко. Со директно обраќање до Борисов: ,,Македонскиот народ е глуп, малоумен и не заслужува да има своја држава,,. И ред други гадости што се непријатни за споменување.  А оваа карикатура од човек е дипломат на Македонија во Тирана. Тој свири како што ќе му свирнат. Која држава ја претставува и кој народ го плаќа?

При поменот на загинатите македонски војници во Вејце, министерот Радмила Шекеринска никако да го изусти зборот македонска армија и македонски војници загинати за Македонија.

Плаќај ги, македонски народе, овие чеда кариеристички кои подготвуваат непостоење на македонскиот јазик и македонското малцинство, создавање на нова историја, химна, знаме…

Степенот на националното чувство се мери според патриотизмот. Македонија не смее да дозволи неколку политички манипулатори целосно да ја редефинираат и да го распродадат она што со векови е градено и со крв е платено. Ваква негрижа за својата држава и својот народ никаде не се сретнува во светот.

Прим. Д-р. Благоја Дамески

Loading