ИМА ЛИ НАДЕЖ?

pismo-2

Овие денови грчки весник објавува интервју со некојси градоначалник на Скопје, кој лигавејќи им се им ветува дека наскоро ќе ги урива спомениците. Македонија и Македонците се минато. На ред е нова историја, химна, знаме. Каква е тоа среќа кога се уништуваш себе си? Безрбетни полтрони исплакнати од љубов кон родината. Дури и несреќата не ги разбудува. Во оваа Македонија  каде и да појдеш на коски се сопнуваш. Каде и да копнеш вистината ќе ја најдеш.

Државава има 1736 службени возила, а минимален број на респиратори. Не ја извадиле уште штипката на пантолоните, а удобно се сместиле во тие возила. Не разбирам зошто им се. А здравството нека се снајдува како умее.

Немам сомнеж кон вселенската праведност. Дојдоа во конфликт со создателот. Необична пандемија. Судбината сама по себе не постои. Ние сме креатори на судбината. Не е храброст да ја размакедончиш Македонија и македонскиот народ. Чеда наши неопулени. Каде се денес тие западњаци да помогнат, ако тогаш кога доаѓаа имаа чесни намери.

Александар Македонски, реткиот човек кој комуницираше со вселенскиот интелект, оставил аманет на Исус Христос. Бог ќе ја чува Македонија и избраниот народ македонски.

Во Словенија свештениците побараа од нивните верници за време на Велигденските празници своите домови да ги направат мали цркви. Импресивна беше неодамнешната слика што го обиколи светот. На осветлениот со сина светлина плоштад Свети Петар во Ватикан, додека врне, Папата Франциско сам се моли и го повикува светот да се обедини во молитвата и со тоа да одговори на пандемијата. ,,Фокусирајте се на пораките на надежта,, порача тој.

Го забележавте ли она чудо невидено кога на редовните конференции за печат, претседателот Трамп ќе замолчи и ќе го отстапи микрофонот на докторот Антонио Фаучи, кој е на чело на американската комисија стручњаци за борба против пандемијата. Така тоа треба да биде. Науката треба да дојде до израз во политиката. Народите зафатени со епидемијата сакаат да слушнат мислење не од шефовите на партиите, туку од стручни лица.

Што ни преостанува нас? Да бидеме проактивни за намалување на контактите меѓу луѓето дури и кои делуваат целосно здрави. Социјалната дистанца ги спасува животите и планетата. Целата тајна како да си го продолжиме животот е во тоа да не го скратуваме. На секој поединец останува да направи она што мисли дека е исправно.

Верата се носи во срцата и секој може да си празнува во домот со најблиските. За своите, со своите. Пролетта е убава и од отворен прозорец.

Благодарност  на нашите денешни херои – медицинските работници, полицијата, војската, комуналците.

Прим д-р Б. ДАМЕСКИ

Loading