ПОГАНИОТ РЕЧНИК ВО КАРАНТИН

Вонредна состојба

pismo-2

Вонредна состојба, да, како навремена мерка од заплиснување на големиот вирусен бран. Но, и за заштита од нашата евентуална ноншалантност. Многу земји ги фати паника откако две недели му се смееја в лице на вирусот. Кина е далечна, но и поучна. Дали вонредната состојба би значело и ограничување на поедини права и слободи на граѓаните, но и поголемо овластување на извршната власт?! Не, и не! Техничката влада ќе понесе огромен товар да се справи со безбедносен и здравствен ризик. Нема друг избор. Ова е единствен логичен и прагматичен потег во услови на планетарна закана.

Животот продолжува понатаму. Можни се одредени понатамошни рестрикции и поригорозни мерки. Но, нашите граѓани мора да ја сфатат сложеноста на ситуацијата. Оваа опасност од ширење на заразата нема да заврши брзо. Македонија и Италија имаат менталитетски сличности. Тоа значи доведување на Македонија во слична состојба. Носителите на вирусот не се саме тие што не ги познаваме. Напротив, поголем број од заразените случаи се инфицирани од најблиските, најсаканите роднини и пријатели.

Коронависусот, покрај тоа што е тест за нашиот имунолошки систем, претставува и огромен предизвик на нашата психичка стабилност. Не сум сретнал запис од вакви размери во историјата (чумата е нешто друго, локализирана поради неразвиен систем за комуникација). Читам исповед на еден наш морнар на крстосувач на Западниот Пацифиц, кој раскажува дека безуспешно пловеле од Чиле до САД и ниедно пристаниште не сакало да ги прими да ги истоварат патниците. Ова само по себе укажува за димензиите на оваа катастрофа.

Да расчистиме, никогаш не сум бил и нема да бидам приврзаник на теориите на заговор. Ова единствено може да се спореди со античките приказни за Атлантида и со библиските, старозаветните за Содома и Гомора. Овие од Атлантида копале длабоко, барајќи кристали, па заедно со својот град потонале во морето. Во Содома и Гомора биле алчни и развратни прељубници да го видат забранетото. И Бог или природата им вратила со целосно уништување. И во едниот и во другиот случај се работи за алчност или љубопитност.

И денес ги има овие два елементи. Денешните проблеми ги преминуваат

капацитетите на една држава, без оглед на моќта. Се создава растечка меѓузависност меѓу народите. Грижата за човештвото е она што ќе нé спасува во нашите држави. Нема странски вирус. Човештвото е уште едно големо семејство. Затоа не е време да се мисли на добивки и бизниси. Скромноста и чувството за обврска нека бидат нашата основна цел. Да го сочуваме здравјето и животите со целосна наша помош во рамките на можностите. Здравствените власти нека ги решаваат проблемите на теренот, а нивните пораки нека бидат наш приоритет. После надминувањето на опасностите од епидемијата, главен предизвик ќе биде справувањето со економските последици. Секој народ мора да ја има дисциплината да се носи со предизвиците во секое време. За да служиш достојно и корисно, одречи се себе си и својот поган партиски речник да го ставиме во карантин.

Прим др.  Б.Дамески.

Loading