МИЛЕНИУМСКА МИСТИКА

Слеченскиот манастир Свети Јован Претеча

– Духовен центар и редовно престојувалиште на Никола Карев и Јордан Пиперката. Сведок на бурна историја се тајните тунели

133624590-111753

Селото Слепче се наоѓа на 680 метри надморска височина во близина на Демир Хисар. Опкружено е со дабова шума, недопрена природа и бистра вода. Пријатната клима и чистиот воздух се можности за одмор од градскиот метеж. Пред неколку години се одбележуваа 1000 години на манастирот Свети Јован Претеча и милениум од смртта на цар Самуил. Се смета за едно од најстарите и најзначајни македонски духовни светилишта. Сообраќајно е пристапен. Од Прилеп е оддалечен 40 км. асфалт.

Првите пишани податоци датираат од 1393/1394 г. Последниот зачуван фрескоживопис по опустошувањето е од крајот на 19 век. По легендата, манастирот го подигнал царот Самуил во 1010 година по трагичната битка на Беласица. Дел од ослепената самуилова војска, на пат за Охрид, минала низ демирхисарско. Една група, по наредба на самуиловата ќерка Косара, се населиле во манастирскиот атар. Затоа манастирот бил наречен слепченски, а  ридот над него го нарекле Самуилов. Манастирот имал имот дури во Албанија, кој бил подарок од самуиловата ќерка.

Во манастирот се спасени книгите и тапиите во 1945 година кои требало да горат во голем оган во дворот. Некои селани скришно сочувале дел од тапиите пред налетот на новата власт, која расчистувала со религијата и ги национализирала манастирските имоти. Богатството од ниви и шуми се протегало до Елбасан во Албанија. Со аманет, години подоцна наследниците требало да им ги предадат спасените тапии и да се вратат на светото место населено со калуѓери. Монасите го заживеале запустениот манастир. Тајната била сочувана повеќе од половина век. Потомците на неколку фамилии од селото Слепче, чии имиња се држат во тајност, го исполниле аманетот и ги вратиле тапиите.

Со голем труд монасите направиле духовно и економско чудо. Бројните пишани и зачувани документи сведочат за богатата книжевно просветителска дејност од 11 и 12 век. Се препишувале и преведувале богослужбени книги.

Поради негрижа, манастирот преживеал неколку огнени стихии и пустошења. Значително се оштетени иконостасот и фрескоживописот, украден или исчезнат е дел од оригиналниот библиотечен фонд, а манастирската црква била целосно малтерисана. Зачувани се артефакти, меѓу кои големиот златен крст, влезната дрвена олтарна врата, како и познатата и ретка икона со чудотворна моќ, Одигитрија (Патеводилка). Манастир често бил ограбуван, пален и уништуван од Арнаутите и од Турците, кои тогаш ги убиле сите монаси. Видливи се штетите од пожарот во 1970 г. кога, поради запалените свеќи, настрадал дел од олтарот. Малку е останато од автентичен фрескоживопис и од надалеку познатата плитка слепченска резба, која е поделикатна отколку длабоката резба. Стои плитка резба и реплика од иконата Св. Богородица Патеводителка, која се смета за една од највредните. Вреден е иако е ликовно посиромашен. Поголемиот дел од автентичните вредности одамна не се во манастирот – старите двери се во Софија и во Белград, а вредните икони во Скопје.

Обновен е монашкиот живот и преведувачката дејност. Монасите работат икони во автентичен стил. Славата на некогашниот книжевен и преведувачки центар во Слепче, чии ракописи со манастирскиот печат и денес се чуваат во лаврите во Русија, полека се враќаат со 21 издадена книга и 170 акатисти подготвени заедно со сестринството од соседниот манастир во Журче.

Манастирот опстојува со економијата. Монасите ги обработуваат блиските парцели. Одгледуваат и јунци, крави, кози и овци. Произведуваат сирење, месо и изварка. Чуваат пчели заедно со монасите со Журче. Дури има и регистрирани легла за Шарпланинци. Монахињите плетат, везат, шијат и прават џем и мармалад од непрскани јаболка и од други плодови. Намерниците може да купат сé што се произведува. Куриозитет е што економијата го снабдува со млеко селото Слепче, чии жители се откажале од одгледување на крави.

Не се дозволени славења и пикникници со скара и гласна музика. Секој е добредојден со почитување на куќниот ред.

Конакот на Косара

Ќерката на царот Самуил, Косара, била мошне побожната и била голем донатор во 11 век. Таа дала пари за градбаи големиот трикатен конак. Кога самуиловата војска се повлекувала кон Преспа преку Богомила, се задржала во двете села со исто име Слепче во прилепско и во демирхисарско.

Тајните ходници кријат историја

Во манастирот редовно престојувале Никола Карев и Јордан Пиперката. Таму му било пресудено на кодошот од Прибилци, кој ја предал четата со 17 комити. Имало и леарница за оружје. Тајните тунели, тесните вртени скали, ходниците и собите се кријат во старото запалено здание. Тајните премини и простории ги пронашле монасите кога ја расчистувале фурната. Внатре е влезот во скривницата во визбата од каде што имало и таен излез од манастирот преку кој безбедно можело да се излезе во блиската шума.

Loading