БАЊСКИ БИСЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Бројните минерални и термоминерални извори во земјава, лоцирани во најпејсажните и живописни шумски предели, отсекогаш биле свртувалиште на многу случајни минувачи, но и на оние кои барале спас во лековитата моќ на водата. Околу нив не случајно од дамнина се граделе лекувалишта, бањски објекти и спортски терени. Од некогашните римски и турски бањи во земјава, во функција е останата само Пашината бања во Негорци, која и ден денес се користи за лекување и релаксација. Се планира ревитализација на некогашниот турски амам кај Катлановска бања, со што овој објект, од кој се останати само урнатините, повторно би бил ставен во функција за збогатување на понудата и за развој на бањскиот туризам, за кој постојат огромни потенцијали.

bansko strumica

Состојбата на дел од бањите не ветува многу, оти располагаат со руинирани објекти и базени, разјадени од забот на времето. Тие уште се само природни лекувалишта за санирање на определени болести, како и за терапевски третмани во постоперативните фази. Функционирајќи како јавни установи, под капата на државата, до скоро беа само ,,продолжена рака на болниците,,.Дел се приватизираат и се развиваат и како спортско-рекреативни центри, што отвара нов прозорец кон неискористените можности на ова богатство, дарувано од природата.

Во Македонија има околу 64 извори со различна температура на водата која се движи меѓу 20 до 72 степени. Богати се со сулфур, фосфор, арсен, јод, бром и други елементи со лековити физиотерапевтски својства. Постојат осум бањи, Бања Банско – Струмица, Бања Кежовица – Штип, Бања Негорци – Гевгелија, Бања Бања – Кочани, Проевска бања – Куманово, Бања Бањиште -Дебар, Бања Косоврасти – Дебар и Катлановска Бања  -Скопје. Во близина или во рамките на комплексот се наоѓаат хотели, мотели и други сместувачки капацитети со придружни физикално – рехаблизитациони центри.

 На 12 км. од Струмица е природното лекувалиште Бања Бањско. Во близината има 13 природни извори со големи резерви подземна вода чија топлина достигнува до 72 степени. Водата успешно лечи болести на системот за варење, дијабетис и женски болести. Во бањата има Центар за рехабилитација со медицински персонал. Во рамките на бањата е хотелот Цар Самуил. Располага со 165 кревети, комплетно опремен дел за болничка терапија и медицинска рехабилитација, како и други простории од спортско-рекреативен и забавен карактер, полу-олимписки рекреативен базен, трим кабинет, сала за билјард, пинг-понг, шах, снек бар, ресторан, диско и ТВ сала. Ова природно лекувалиште се користи од римско време. Богатите и разновидни шуми и чистиот воздух овозможува релаксација и лекување на сите видови на ревматични заболувања, ишијалгии и полиартрити, болести на органите за варење.

katlanovo

Во подножјето на планината Кожуф, на 3 км. од Гевгелија е бањата Негорци. На надморска височина од 50 м. има три природни извори со големи резерви подземна топла вода и со медицински својства за седум видови на болести. Има две води, Врела Бања, со температура од 40 и Ладна бања со температура од 38. Водите лековаат ревматски заболувања на зглобовите и мускулите, стерилитет, гастроинтестинални заболувања, заболувања на кардиоваскуларниот систем… Со пиење на сулфурнокиселата вода се лекуваат воспаленијата на бубрезите, гастритис и почеток на чир во желудникот. Бањата е опремена со модерна апаратура за електро-терапија, кинези и парафинска терапија и подводна масажа. Термоминералните извори се од вулканско потекло и избива вода како млаз. Единствена е во земјава со термална кал со температура од 34 до 36 степени, погодна за терапија. Помасовната употреба на лековитите својства почнала од крајот на 19 век. Шукри Паша изградил зграда со два базена и соба за одмарање. Во првиот се бањал тој, а во вториот неговите девет жени. Базените и денес се користат и се нарекуваат Пашина бања. На 27 км. е локалитетот Смрдлива вода, каде на 730 м. Негорските бањи имаат свои објекти. Комплексот е составен од три хотели, Јасен со 150 легла, Илинден со 100 легла,, и Бужор со 80 легла..

kosovrasti

Бањите Косоврасти и Бањиште, попознати како Дебарски бањи, се кај Дебар.Температурата на водата е меѓу 38 до 48 степени. Погодни се за лекување на ревматични заболувања, зголемен крвен притисок, кожни заболувања и дијабетис. Бањиште е на 4 км од Дебар. Позната е по својата лековитост и радиоактивност. Лековитоста произлегува од хемискиот состав. Во бањата работи Центар за физикална медицина и рехабилитација. Има и сместувачки капацитети и базени за физикална терапија. Косоврасти е во долината на Радика на 8 км. од Дебар на надморска височина од 55 м. Привлечни се живописната речна долина, свежината на пенливата вода и локацијата. Тука е брегот дебарското вештачко езеро. Термоминералната вода според количината на сулфурот се наоѓа на прво место во Европа и е  најрадиоактивна. Овозможува лекување на широк спектар на болести. Таму работи Центар за ревматизам и медицинска рехабилитација.

Сместена покрај жуборливите води на реката Пчиња, околината на Катлановската бања е свртилиште за викенд прошетки, прослави на празници, пикници, а бањата е позната за лекување на ревматизам и стерилитет. Се наоѓа на 23 км. од Скопје, на 230 м. надморска височина. Лекувалиштето е Центар за долготрајно лечење и рехабилитација. Дел од објектите се запуштени и руинирани. Во план е целосно обновување и санација на базените и на сместувачките капацитети. Опремена е со современи медицински инструменти, за сите терапевтски типови на физикална медицина и медицинска рехабилитација. Температурата во базените е од 37 – 38 степени. Водата не е за пиење. Околу има многу природни извори за пиење, богати со сулфур за лекување на органите за варење.

Бањата Бања е оддалечена 5 км. од Кочани. Располага со  термоминерални води со температура од 70 степени, кои се спуштаат и до 37 степени. Водата има одлични својства за лекување на дигестивни, кожни и ревматични заболувања, како и заболувања на црниот џигер.

negorci

Кај Штип се изворите на термална вода од 62 степени на штипската бања. Водата е радиоактивна со 42,82 махови единици, со поволен хемиски состав. Водите се ефикасни за лекување на ревматизам, заболувања на зглобовите, нервни заболувања, шеќерна болест, болеста гихт, воспаленија на половите органи кај жените и мажите, неплодност и намалена потенција, дејствува против раното стареење, лекува разни кожни заболувања, артериосклероза, зголемен крвен притисок и др. Физикалната терапија е највисок степен за лекување. Водите се користат за пиење и капење. Поради најголемата радиоактивност на водата на Балканот со температура од 57 до 70 степени, се користи за инхалација и лекување на некои белодробни заболувања.

Бањата Проево се наоѓа на 3 км. од Куманово. Располага со  еден природен извор со температура на водата од 30 степени кој се пушта во олимписки базен и базен со минерална вода. Минералната вода има температура од 29-31 степен. Содржи калциум и натриум. Водата е лековита за нервни заболувања, дигестивниот систем, бубрежните заболувања и дијабетис. Во бањата функционира хотелот Кумановска бања.

Loading