МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА НАРОДНАТА ВОЛЈА

pismo-2

Светот го изненадивме со врвниот дострел на документарниот филм ,,Медена земја,, и со толеранцијата на македонскиот народ после понижувањето во Нивице. Според светските медиуми, светот бил изненаден што не виделе во Македонија да се крене бунт, откако корумпираната власт ја збриша референдумската волја на македонскиот народ. Без суверенитет и идентите се безначајни НАТО и ЕУ. Која нормална земја во светот би го прифатила тоа. Слушам дека без Нивице ќе сме се врателе назад 30 години. Но, со договорот се вративме во времето на Гај Јулије Цезар. Овој римски император му се обратил на демосот дека ,,Вие што сакате зборувајте за мене, а јас што сакам ќе правам со вас,,. Но, животот го заврши со зборовите – ,,Зар и ти сине, Бруте,,.

А што прави опозицијата? Ветува и верува дека сето тоа ќе го поништи. Гледам дека се во голема заблуда. Воопшто не ме интересира содржината на преспанскиот договор. Тој е нелегитимен и ништожен. Не може да се поништи нешто што не постои, нешто што е донесено спротивно на народната волја. Одлуките и потписите во Нивице и во парламентот се ништожни. Сето тоа е илегално и подлежи на одговорност. Не поминуваат тие финти на фрлање прашина в очи дека нешто се изработило законски. Јасна е логиката на меѓународните сили. Кога вие тоа го сакате, ја имате нашата поддршка во уривање на државата. Катастрофална грешка на опозицијата беше што влезе во парламентот по неуспешниот референдум и дискутираше за договорите. Со тоа му даде легитимитет на нелегитимното. Опозицијата нема што да ветува. Само да се почитува законот и Уставот. Во спротивно сé подлежи на одговорност.

Самоил, како да разберат денес овие твои Македонци, со исклучок на Андон Чосето, чиј споменик го потоморија: – ,,Арон, мојот брат е предавникот и треба да умре. Зашто законот е правен за сите. Родната земја е поскапа од братската крв. Што и да направам, ќе направам не поради себе си, туку поради другите. А што е човекот, што им служи на другите. Тој е само меч во рацете на една правда,,.

Планините се полни со преданија и раскази за крв, одбрана, одмазда… Мајките ги праќаат синовите во смрт, а дедовците ги колнат ако не одмаздиле. Младите заминуваат, но никогаш нема да заборават и да простат. Страшно не е што Македонија ќе умре, туку страшно е што ние ќе ја загубиме.

Само Самоил знаеше да ги процени луѓето. Неговиот син Радомир беше таинствен кога на белата бреза ја пишуваше големата буква ,,М,, воодушевен од слушаните преданија за Александар Македонски.

Македонија стана царство на партиски војници кои во нормална држава никогаш не би добиле сериозна позиција. Виреат, бидејќи од нив не се бара ништо повеќе од верност, послушност и покорност. Тоа што тие ќе го добијат од партијата, самостојно никогаш нема да го постигнат. Малку оставија зад себе, а премногу за себе. Им личи тоа. Каква моќ се крие во комплексот на заслепеност? Не сфаќаат дека ништо реално не може да биде во опасност.

Треба ли ние да ја продолжиме да ја играме улогата на жртвено јагне во името балканската трпеза и периодично да ја заситуваме гладта на нашите лакоми соседи?

Прим. Др. Благоја Дамески

Loading