МАКЕДОНСКА ПАТРИОТСКА БЕДА

pismo-2

Грабежи, предавства, личен и партиски интерес. Тоа се белезите по кои нé препознаваат, белезите со кои им служиме за потсмев на светот.

Уште не сме ослободени од шокот, понижувањето и срамот што ни го приредија со тој срамен договор во Нивице. Направија да не постои државата. Идентитетски помор на цел еден древен народ. Македонците, бегајќи од сопствениот етнички корен и име, сами се осудуваат на исчезнување.

Наеднаш почна да се брани Уставот. Сé според интересите, потребите и желбите. Зошто во предизбориево и занесените северџани го избегнуваат акронимот Северна? Доволно признание за нивниот крив правец и народниот отпор.

Полковниче Ковачки, мора да се почитува Уставот. А уставно ли беше да се збрише Уставот? Се надевам, бранејќи го Уставот, ќе го повратат и одбранат распарчениот устав и уставното име. Ами НАТО и ЕУ, ќе речат илузионистите?

Трамп веќе направи преиспитување и одделување од НАТО поради најголемиот нивни финансиски товар.

На 31 јануари Велика Британија официјално ја напушта ЕУ несакајќи да живее под диктат на Брисел. Може и во Италија радикалите со популарниот Матео Салвини да дојдат на власт и охрабрени од Британците најавуваат процес за напуштање на ЕУ. Владеачката партија на Полска е скарана со Брисел. Слично нешто е и со Унгарија. Може и Франција по 2022 год., на претседателските избори да дојдат на власт радикалите со Марин Ле Пен да ја напуштат ЕУ. Кој ќе остане во ЕУ освен некои таксирати како нас.

Нереализирана глутница маскирана како политичари три децении ја ограбуваат оваа држава, кој, каде и како ќе стигне. Никој од апашите не одговара. Политичарите и криминалците се како сврзани садови.

Нобеловецот Иво Андриќ убаво рече: ,,Дојдоа матни времиња, кога паметните замолчуваат, непаметните проговараат, а лоповите профитираат. Ќе дојде време кога граѓаните ќе им се извинуваат на бандитите и да бараат прошка од нив, па дури и да им исплаќаат оштета за нанесувањето душевна болка и навреда на нивната ,,чест,,.

Човек на кого опстанокот на Македонија не му значи ништо, човек кој нема ништо за што треба да има волја да се бори, ништо што му е поважно од НАТО и  ЕУ и неговата сопствена сигурност е бедно суштество. НАТО ќе нé брани, ЕУ ќе не храни. Добро спакувана лага. Белиот килим на Западот не дозволува валкани чевли. Убаво ни рече пред дваесетина години еден француски дипломат. Вие од ЕУ ќе го добиете за џабе само сирењето во стапицата за глувци.

Ако се нема достоинство, ако не се познава сопствената историја, ако идентитетот не ви значи ништо, препуштете го тоа на тие што си ја сакаат Македонија. Народот треба да ја контролира политиката, а не таа него. Тоа што треба да го знае јавноста, треба да го знае. Референдумското молчење на народот е тивко, но решително предупредување.

Младите заминуваат со акумулиран гнев, недоверба, презир и без надеж. Нема што да изгубат, но и нема да простат.

Генерал Жофр за битката на Мајна рече: ,,Не знам кој ќе победи, но добро го познавам тој што ќе загуби,,.

Ве потсетува ли ова на нешто?

Прим. д-р. Б. Дамески

Loading