ЛЕГЕНДАТА ЗА ДРАКУЛА ВО ТРАНСИЛВАНИЈА

brancastle

Смуртено, небаре доаќа армагедон. И најголемиот непријател не би го избркал надвор. Во 10 претпладне светилката е запалена. Мрачното време, повикува на некоја мрачна приказна.

Да. Трансилванија отсекогаша атрактивна, оти е мистериозна. Се препознава преку делата на Брам Стокер и Дракула. Овие книги се е читаат во еден здив, оти се необични и надреални, со вампири, вештерки, врколаци, волшебници… Интересни се приказните за Дракула. Затоа патувањата во Романија се особено доживување.

Трансилванија е кул дестинација. Фонтана е на неверојатни приказни. Во планинскиот дел на Романија се градовите Брашов, Сибиу и Сигишоара. И многу загатливи села каде се држи традицијата и старите адети. Зачувани се и некои некогаш популарни професии како ковачи, столари… Луѓето доаѓаат заради двата дворци, Пелеш и Бран. Едниот е раскошен и кралски. Другиот сосема мрачен и мистериозен. Во едниот живееле кралеви, а во другиот Дракула.

Bran transilvanija

Пелеш е на 40 км. од Брашов. Бил дом на романски монаси. Тука живеел и кралот Карл Први. Целото здание е градено од камен, тули, мермер и дрво. Преку 160 соби. Најпосетени се малата и големата сала со оружје. Не се прескокнуваат собата за приеми и кралскиот апартман. Поставена е изложба на колекција од златни и сребрени садови за послужување на кралската трпеза. Украсена е со Мурано кристални лустери, скулптури од слонова коска, ѕидовите се декорирани со кожа, богата колекција на оружје и една од најбогатите збирки на слики во Европа. Се влегува со сини пластични ќеси на нозете да не се оштетуваат подовите. Прошетката ја води стручен водич. Сé е средено. Ентериерот повеќе личи на дворец на Луј 16, отколку на здание во шумите на Романија. Се губи чувството дека сте во оваа земја.

Пелеш е поубав од Бран. Поренесансен е. Моќен. Ама сите патуваат во Трансилванија заради Дракула. Историјата на овој дворец е завиена во мистерија. Се спомнуваат многу неиспитани податоци. Сигурно е само дека објектот е како роден за снимање на хорор филмови. Се наоѓа на врв од 200 м. на високи карпи. Познат е како дворецот или замокот на Дракула, оти се наоѓа во книгата на Стокер. Интригантно е што овој автор никогаш не го видел замокот, ниту бил во Романија. Земен е баш како дворецот на Дракула што најмногу потсетува на замокот опишан во романот. Има уште еден момент кој вели дека Влад Цепеш, односно грофот Дракула, минал една ноќ. Ама тоа не е потврдено.

D10

Приказната за Цепеш почнува со царот на Светото римско царство, Зигмунд Луксембуршки, кој во 1410 г. основал тајно друштво под име ,,Редот на змејот,,. Друштвото требало да го зачува христијанството, да биде бедем во одбраната од Османлиите кои имале силни амбиции да го освојат овој дел од светот. На грбот на друштвото се наоѓал змеј со раширени крилја и крст. Влад Втори, војвода на Влашко, бил примен во Редот во 1431 г., заради заслуги во борбите против Османлиите. Го добил името Дракул, што во преводи од романски значи ,,змеј,,. Овој збор на локалниот јазик значи ,,ѓавол,,. Ова му се вклопило на Стокер за приказната за Дракула. Во 1431 г. војводата Влад Втори Дракул станал татко на малиот Влад Трети, односно Влад Цепеш, јунак на денешните приказни. Бидејќи на староромански јазик на синот или на ќерката се додава суфиксот ,,а,,, се  создало името Дракула, синот од змејот, од ѓаволот. Малиот Влад од 14 години бил пратен како заложник кај османлискиот султан во Едрење, каде бил обучен на сите можни методи на мачење. Затоа се смета дека тоа е причината за неговата бруталност. Во битките Влад го користел знаењето од Турците. Противниците ги казнувал со набивање на дрвен кол. Затоа го добил прекарот Цепеш, што значи набивач, прободувач. Во битката кај Трговиште набил на колец повеќе од 20.000 туриски војници.

Transilvanija

Авторот Стокер направил измени на своја рака. Грофот Дракула од Трансилванија е создаден по ликот на Влад Трети Тепеш. Ама Влад не бил од Трансилванија, туку од Влашко. Стокер сметал дека тоа е подобар избор. Трансилванија била заостаната, малку мистериозна. Населението верувало во разни надреални работи и легенди. Се раскажува дека малите деца се плашеле оти ќе дојде Дракула да ги изеде, ако не се добри. Како нашата Баба Рога. Облеката од црна наметка со црвена внатрешност на Дракула не е плод на фантразијата на Стокер. Комбинацијата ја носеле припадниците на друштвото ,,Редот на змејот,,.

Влад Трети денес не е само вампир кој пие крв од други. Тој е национален херој, поради заслугите во борбите против отоманската окупација. Бил познат како праведен владетел, покрај неговата суровост. Се спротивставувал на големото влијание на црквата на животот на народот.

Жива е легендата. Ќе живее долго, оти е вносен бизнис на земјата. Многу пари се вртат во Бран, во дворецот на Дракула. Стотици илјади посетители годишно оставаат милиони да се фасцинираат од приказната, од легендата. Сите одат, иако знаат дека во дворецот никогаш ништо значајно не се случило. Сите знаат дека таму не живеел Дракула, туку дека тој е дело на мечтите на авторот на книгите за Дракула.

Трансилванија е одлична лекција на некој курс по маркетинг. Капа им се сметнува на луѓето кои од легендата направиле државен бизнис.

Дракула и турски пратеници

Кај Дракула дошла делегација на турскиот султан да бара годишен  данок, бидејќи султанот го сметал Дракула за свој вазал. Пратениците клекнале пред Дракула, ама не ги сметнале фесовите од главата.

– Зошто ме вреѓате? Зошто не ги вадите фесовите?

– Ние ги сметнуваме фесовите само пред нашиот султан.

– Верни сте на султанот и сакам уште повеќе да ја зацврстите вашата доверба  кон него.

Им наредил на своите војници на пратениците да им заковаат клинци на главата за да им ги зацврстат фесовите и додал ,,Сега сте поверни,,.

Loading