ЧAРДАШ КАЈ МОСТОТ СО СИНЏИРИ

БУДИМПЕШТА

Budimpešta-870x550

Со евтин билет за воз се стигнува до Будимпешта, престолнината на Унгарија, градот на Дунав, после Виена пред Белград. Нужна е само волја за авантура и втурнување во неивесно возбудување. И малку џепарлак. Сметките кажуваат дека може да се минат 4-5 дана со мала заштеда од неколку стотини евра.

Се ниша вагонот со вообичаениот звук на композицијата на шините. На железничката станица во Будимпешта има информативно биро. Нудат евтино сместување, упатуваат движење со градскиот сообраќај и метрото. Љубезните домаќини даруваат драгоцена мапа со заокружени објекти кои нужо е да се видат при престојот градот на двата брега на најголемата река во Европа.

Дестинацијата изненадува. Радост. Бидејќи се открива културното наследство на Унгарија, освен во песната на Балашевиќ – ,,Зима во Будимпешта,,. При првиот допир оживува текстот. Препорачлив е старт од најубавите мостови на Дунав. Бисер е првиот, Мостот на Елизабета. Нешто потаму е Мостот на слободата. На другата страна е прочуениот мост со синџири, опеан во многу стихови. Зад него е мостот на Маргарита што ги поврзува бреговите на Будим и на Пешта преку островот на Маргарита. Иако Европа има многу чуда, сепак мостовите на Дунав во Будимпешта уште се ненадминати. Особено во волшебна ноќ, осветлувањето го прави градот како  бајка. Многумина се потпираат на оградата на мостот со синџири да им проскита погледот во далечината и длабочината на широката вода. Кога засјајуваат очите, музиката од виолина од близината ги возбудува и сетилата за слух. Црнкаст виолинист занесено свири некоја брза мелодија, лулајќи се по ритамот и намигнувајќи им на љубопитните слушатели и гледачи. Млади почнуваат да танцуваат на тактот на чардашот. Им се придружуваат и луѓето слушаат, а не ги знаат чекорите. Храбри се. Се обидуваат да го совладаат танцот насмеани до ушите. Уличниот свирач сите ги освојува. Игра покрај нив, додека тие го наградуваат за талентот и забавата, фрлајќи некоја пара во неговата капа.

die-kettenbruecke-in-budapest

Покрај мостовите, фасцинираат крепоста, утврдувањето, цитаделата, рибарската тврдина, будимскиот дворец. Незаборавниот поглед на Дунав и на дел од Пештa се нуди од рибарскате тврдина. Над градот се крева некогашниот кралски дворец. Градбата е од 14 век. Дворецот бил сосема урнат во последната војна. Денес е обновен и претворен во музеј, библиотека и театар со прекрасна фонтана со фигури инспирирани од ловот на кралот Матија. Се останува без здив на Плоштадот на хероите. Најголем е, украсен со величествен споменик со колонада. Недалеку е пешачката зона. Долга е. Тоа е срцето на градот. Се простира од мостот на Елизабета до плоштадот Верешмарт.

Подземната железница има висок и безбеден квалитет. Поради високите цени на паркирањето на сопствено возило, градскиот сообраќај и метрото кои ги поврзуваат двата дела под и над Дунав, се евтин превоз на три милионската метропола.

Будимпешта  е стар австро-унгарски центар. Старите објекти веќе не се сиви, исчадени, туку облечени се со нови фасади и прозорци. Орнаментиката е обновена автентично. Не се препознава. Градот дише со посебен шарм, блеска од убавина, заплиснат од музичките бранови на моќната река, скротена во уредено корито и премостена со мостови меѓу кои се наоѓаат шеталишта и старите улици со калдрма. Богата и достоинствена е понудата на класика со бројни театри, опера, балетска сцена… Будимпешта е доживување да се види низ призмата на бродовите на реката и дење и ноќе. Уживање е унгарската кујна со звуците на ромските оркестри, составени од свирачи на виолини во елегантните ресторани. Атмосферата предизвикува  повеќе чаши црно вино до раните утрински часови. Специјалитет е лутиот гулаш. Нова верзија е пилешко во пиперки. Сите јадења се направени со црвени пиперки. Дури овој зеленчук, било да е сладок или огнено лут, е пренесен како унгарски зачин во Монте Карло. Најубавите вкусови на слатки можат да се пробаат во најстарата и најпозната слаткарница во Европа, која датира од 1858 година. Во раскошните салони се сместуваат преко 300 гости. Во лето уште толку на терасата и бавчата. Не сте биле во Будимпешта, ако не сте се одмориле со кафе и слатко во слаткарницата Гербеауда. Таму се приготвува најбараната тапан торта.

fixedw large 4x

Секому му останува во срцето унгарската престолнина. Само при помислата, се разгорува чувството за проверка дали прекрасните мостови се на истото место. Велат дека волшбеството на Будимпешта кулминира кога е под снег. И тоа треба да се провери.

Loading