ГРЕШКИТЕ ГИ ЗАПИШУВАМЕ, ГРЕШНИЦИТЕ ГИ ПАМТИМЕ

pismo-2

Не свежо цвеќе туку свежи сметки за урнисувањето на идентитетот и историјата македонска. Тешки се зборовите што се премолчуваат, а уште потешки се оние што се изговараат. Дали е моќта повеќе од она што го нарекуваме углед.

Читам дека во матичната книга на родени, во графата наместо Р. Македонија ќе пишувало коса црта. Зарем до тој степен стасавме, да се декларираме како ништо. Челнов, руски професор по математика, научник со многубројни технички пронајдоци, почнувајќи од бојлер па до мотор на млазен погон, одлежувајќи 18 години по руските затвори не знаејќи зошто, во формуларите во рубриката “националност”, не бележи “Русин” туку “Затвореник”. Помалце понижувачко и подостоинствено од коса црта.

Зарем сите сме биле лоши ученици не познавајќи ја сопствената историја. Не може историчарите да се параван на политичарите. Не смее да има политизирање на историјата. Тогаш другите би мислеле: Имате проблем со сопствената историја.

Македонците постоеле како нација и пред да постои државата Македонија. Самото име и го дала нацијата. Концептот на Александар Македонски бил на ни еден народ да не му го одземе идентитетот.

Идентитетските прашања се право на државата. Некои премногу се осилија во борбата против историската вистина. Преспанскиот договор е директно мешање во една суверена држава. Не може да се смени името а да не се скрши националното.

Нимиц, во седиштето на ОН најави нови проблем: Периодот на имплементација на договорот од Преспа ќе отвори прашања, како што е работата на Комитетот за учебниците и комерцијалната употреба на името “Македонија”.

“Договорот од Преспа е извонредно дипломатско достигнување на Атина” – оцени заменик помошниот државен секретар на САД Метју Палмер.

Да, за Атина. Зарем ние станавме протекторат, со елементи на колонија, со ограничен суверенитет. Идентитетски сме изгазени. Суров идентитетски договор. Идентитетски геноцид.

Во Првата и Втората балканска војна е поделена македонската територија а денес националниот суверенитет и историја. Нека се потсетат на Виенската конвеција, според која амбасадор не смее да се меша во внатрешните работи во земјата во која е акредитиран.

Тешко бреме ќе им оставиме на нашите поколенија. Ќе скитаат по светот со торбите на рамо, како Курдите и Евреите, барајќи го она што некогаш било нивно а им го одзеле.

Природен инстикт е да се бориш за она што е твое или за она што некогаш било твое. Сеќавањата за сопственото минато се дел од човековата природа. Тие ниту можат да се украдат, ниту да се фалсификуваат.

Сé е минливо. Ниту НАТО, ниту ЕУ ќе постојат вечно. И сé кога ќе дадеме, сеуште не сме дале доволно.

Не смееме да дозволиме овој македонски народ да заврши како планктон во нечија уста.

Што е најдрагоцено во светот? Тоа е да не учествуваш во неправдите. Тие се посилни од нас. Тие постоеле во минатото и ќе продолжат да постојат. Но да не им дозволиме да минат низ нас.

Прим. д – р Б. Дамески  

Loading