ДРЖАВНА РАБОТА: ЕДЕН СЕ БРИЧИ, ДРУГ ПРЖИ КОЛБАСИ, ТРЕТ СЕ ТУШИРА

Живот: Црно-бел свет

-Ниту некогаш се било добро, ниту сега се е лошо    

Rabotnicki restoran

 

Често во разговорите со сограѓаните има остри дискусии околу тоа кој општествено-политички систем е подобар, сегашниот или некогашниот. Притоа обично се идеализира едниот, се оцрнува другиот. Можеби вистината е на средина. Оттука и името на една телевизиска серија ,,Црно-бел свет,, со кое авторот порачува, оти работите никаде не се сосема бели, ниту сосема црни. Како се живеело пред повеќе децении во т.н. социјалистички систем, не може да се опише ниту со обемни студии. Сепак подолу издвојуваме неколку текста од тогашниот печат.

Инженерот и чудните работници

Човекот, чие име не е објавено, (во 1988 година) беше примен за главен инженер во една од најголемите прилепски работни организации. Вториот ден го стави синиот мантил и се рашетал низ погоните и работилниците, низ халите и ходниците, да се запознае со процесот на работа, а полека и со луѓето. Но, по седум дена ненадејно заминал, оставајќи висок личен доход и можност да напредува во работата. Зошто замина? 

-Се разочарав. Влегувам во еден погон, ги поздравувам луѓето, а тие ми климнуваат со главата. Мислат дека сум некој љубопитен од друга средина кој дошол да види како се работи, а не дека сум ист со нив. Шетам низ погонот, а во еден агол гледам еден човек ги засукува ракавите. Вади жилет и почнува да го сапунисува лицето.

-Добар ден, му велам.

-Добар нека биде, одговара,

-Како си, што правиш?, го прашувам.

-Од бетер, вели, еве ќе се бричам.

Заминав. Продолжив. Сакав да го оправдам работното време, како новодојден. Во еден ќош, во друга хала, нештомириса. Се доближив и го поздравив работникот.

-А, ти си, ми вели, јас си реков да не е некој од нашите.

-Не, не се плаши, луѓе сме. Што правиш?

-Пржам колбаси, мевот ми свири, синоќа не вечерав.

Ми стана занимливо. Наместо машините, процесот на производството, ме заинтересираа луѓето, навиките, работната дисциплина. Во друг погон пак пријатна миризба.

-Како сте, ги прашувам работниците собрани во група.

-Добро. Од кај си?, ме прашуваат. Ако не брзаш, приседни, пржиме јајца и сирење. Ќе направиме и едно шише домашно винце. И Господ вели дека не се бега од јадење.

Се заблагодарив и заминав. Не можев да сфатам како во еден ден можеа да се случат толку многу работи што личеа една на друга. Се прашував, зарем е можно да е вака секој ден. Како и оди на организацијата? Размислувајќи, чудејќи се, стигнав на едно место каде не очекував дека ќе сретнам некого.

-Добар ден, го поздавувам.

-Сам сте?

-Сам сум. Да ти кажам право, другарче, никаде не ме собира.

-Денеска си малку послободен, изгледа нема многу работа – му велам.

-Како не! Само сакам да се туширам. Секој ден, ова време меѓу 7.30 и 8 часот, се туширам. Навечер си седиме, подоцна си легнуваме, бојлер да вклучиш е скапо, па редот е ова да го правам насабајле тука. Има време, ќе работиме.

-Ми заврши работното време тој ден. Работев уште шест други, Никому ништо не кажав. И заминав. Сфатив дека не ќе бидам многу корисен во таа работна средина, дека времето повеќе ќе го трошам во разубедувања со луѓето, отколку во работа. Денес работам на друго работно место, во друга работна организација, со двојно понизок личен доход, но некако сум позадоволен и од себе и од луѓето – вели сега работникот ветеран.

Кутриот купувач

Дијалогот се води меѓу продавачите и купувачот, со тоа што прашања поставува купувачот, а продавачите даваат одговори.

-Има ли млеко?

-Нема.

Купувачот по мало размислување им поставува прашање на продавачите собрани во средината од продавницата.

-Како може човек да дојде до благо млеко?

 -Ако има пријател – продавач.

-А ако нема?

-Ќе останеш без млеко.

-Значи, тешко на оние кои немаат пријатели.

-Нив никој не ги сака.

Во втората продавница пак купувачот поставува прашања, а продавачот одговара.

-Ми треба едно буре.

 -Зафатени се.

-Колку пари чинат?

-Не се скапи, ама немаме празни.

-Кога ќе се испразнат?

-Не можам да ти кажам. Полни се со маслинки, а маслинките не се продаваат брзо.

-Да причекам?

-Подобро не чекај!      

-Оти?

-Две буриња веќе ми се ветени. Едното за учителот на внучето, другото за близок роднина. Не ти се исплаќа да чекаш!

Трета продавница.

-Има млеко?

-Има.

-Може да добијам?

-Не може!

-Зошто?

-Не си ми муштерија!

-Што значи тоа?

-Тоа значи дека млеко им давам на оние кои пазаруваат од кај мене!  Кутриот купувач! Ќе се најде ли некој кој ќе рече дека денес (1988 година) му е лесно на купувачот? Како што се гледа, нему не му се потребни само пари!!!

Prilep 1988

Невкусни рекламирања

Мерки кои имаат за цел да привлечат потрошувачи, или поинаку речено: рекламата, се користи во различни форми. Некој ја користи преку радиото, некој преку телевизијата, преку весниците, а има кои ја користат преку лепење плакати на повидни места во градот.

Ако понекогаш не ни се сака да ги слушаме рекламните текстови преку радиотелевизиските медиуми, ќе го исклучиме апаратот, ако не сакаме да ги читаме во весниците, ќе ја превртиме страницата, но никако не можеме да го одбегнеме погледот од рекламирањата во самопослугите или драгсторите. На стаклата има изналепено бели хартии на кои се рекламиираат сувомесни производи и други артикли. Гледајќи ги текстовите за типот на производот и цената за еден килограм, денес (1989 година) си поставуваме прашање, дали со нив сакаат да ги известат потрошувачите дека пристигнал таков производ во таа продавница или сакаат да го излепат стаклото за колку-толку да се скрие внатрешиоста на продавницата од минувачите? Вакви бели хартии има и на самопослугите и на драгсторите, а најкарактеристичен пример е продавницата кај пазариштето. Стаклото од оваа продавница е толку изналепено со ваквите реклами, што минувачот не може да види дали внатре има продавач или не.

Пример за чесност

Продавачо во продавница за радиоапарати, загубил 112.000 динари враќајќи се дома. Тоа бил дневниот промет. Му паднале од задниот џеб на панталоните. Дома ги побарал и ги немало. Се нашол вчудоневиден, избезумен. Попусто барал во другите џебови. Не му останало ништо друго, туку да да го пријави случајот во милиција. Таму се изненадил, оти му рекле дека парите се најдени. Ги донел наоѓачот Ангеле Талимџиоски, родум од Коњари, жител на Прилеп. Оваа година (1958) ова е редок пример за чесност.

Prodavnica

Коцка, коцка, коцкичка

Во времињава (1989 година) кога се заканува четирицифрената инфлација, љубителите на игрите на среќа се множат како печурки по дожд. Страста да се испроба среќата ја имаат многу прилепчани. Впрочем, и податоците за бројот на играчите на среќа од ЛМ потврдуваат дека расте бројот на ,,трагачите,, по среќата, трагачите по елдорадо.

Во такви прилики, вештите мајстори за ,,крадување,, на дел од среќата се мошне агилни. Во паркот на шеталиштето секојдневно се стационирани неколку рулети, на импровизирани масички со бројки и фудбалски клубови кои носат ,,ксмет,,, а почесто празен џеб. Познато е дека игрите на среќа се легализирани, меѓутоа локацијата ги ,,боди,, очите. Во строгиот центар  се слуша крцкањето на перцето од рулетот, се гледа толпа луѓе собрани околу ,,осмото светско чудо,,. За несреќа, и малите деца влегуваат во царството на хазардот, а за тоа како да не води сметка никој.

Loading