МАКЕДОНИЈА ЈА КРАСИ МИНАТОТО

pismo-2

Деновиве читам изјава на Претседателот Пендаровски: ,,Македонија за кратко време се ослободи од товарот на минатото,,. И сега се прашувам: Македонското минато е наш товар или наша гордост. Товар, во никој случај, не. Минатото најчесто ја изменува сегашноста. Доаѓаат да нé учат на добро однесување, но нема да успеат, бидејќи сме ние Божји чеда. Си заминаа, но нема да ни остават ниту очи за плачење. Ослободувањето од товарот не лежи во заборавот. Претпазливоста не се состои во тоа да се премолчува и негира минатото. Компромис на своја штета никогаш не е разумен. Каква е таа разумност кога крвта на жртвите опоменува. Како Македонија за толку кратко време се ослободи од товарот: се откажавме од нашето малцинство, од дијаспората, од Македонија прославена од Александар Македонски, осветена од Апостол Павле, облагородена од Светите браќа Кирил и Методиј, обединета од славниот Цар Самоил, бранета од храбриот Добромир Стрес, обесмртена од Крал Марко, облеана од крвта на милион маченици, комити, војводи, партизани…

Најчесто нашето минато било и наш показ и доказ за нашето постоење. Еве и некои примери кои тоа го потврдуваат.

Никола Карев до Гоце Делчев – 1902 г. ,,Гоце, да не чекаме слобода ниту од Бугарите, ниту од Грците, ами сами, ние, Македонците да се бориме за наша Македонија,,. ,,Да, Никола, сами, ние да се бориме за наша Македонија,,.

Војдан Чернодрински – предговор кон ,,Македонска крвава свадба,, декември 1900 г. ,,Што напишав јас? Ништо не напишав. Само ја препишав крвавата историја на Македонија. Се надевам и други да напишат нешто за нашиот многустрадален живот и да ги раздвижат покојните лабави струни на македонскиот роб,,.

Запис на учителот Ѓорѓи Македонски за своето потекло – 1846 г. учител во кривопаланечко. ,,И јас прекарот си го дадов Македонски, и по татко, и по дедо, да се знае, оти сме Славјани од Македонија,,.

Константин Миладинов до Ѓорѓи Раковски – 8 јануари 1859 г. Москва. ,,Чух че имате големо собрание од народни песни. И ја имам многу македонски песни кои сакам да ги издадам…,,.

Тодор Кусев за весникот ,,Македонија,, – 28 јануари 1867 г. Битола. ,,Весникот кај Грците и гркоманите е дочекан со тага и бес, зашто тие секогаш воделе борба за погрчување на Македонците, уништувајќи ја и Охридската архиепископија. Но, колку и да се мачат да нé сопарат да одиме напред, не можат да го искоренат чувството сосема, Македонците да не бидат Македонци,,.

Манифестот на привремената влада на Македонија – 23 март 1881 г. ,,Македонци, наша мила татковина Македонија била некогаш една од најславните земји. Македонскиот народ, исто така, удирајќи ги првите темели на воената вештина со своите победнички фаланги и аристотеловата просвета, ги цивилизира човештвото и Азија. Денес да не правиме грешки, заборавајќи го нашето потекло,,.

Уште десетици вакви примери ќе наведам како доказ за вечната борба на македонскиот народ. Ако ги наведеме плеќите по првите комшиски удари, тогаш на тие удари и ќе се навикнеме. Оваа, наша, Македонија, толку планини изодела, а денес на камче се сопнува.

Прим. Др. Благоја Дамески 

Loading